КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ТАТКОТО НА РЕЖИСЕРОТ БОЈАЏИ И ЗА 13-МИНА ЗА ШВЕРЦ СО АРТЕФАКТИ, СЛЕДЕНИ СЕ ЕДНА ГОДИНА, МВР ОТФРЛА КАКВА БИЛО ПОВРЗАНОСТ СО „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“

    КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ТАТКОТО НА РЕЖИСЕРОТ БОЈАЏИ И ЗА 13-МИНА ЗА ШВЕРЦ СО АРТЕФАКТИ, СЛЕДЕНИ СЕ ЕДНА ГОДИНА, МВР ОТФРЛА КАКВА БИЛО ПОВРЗАНОСТ СО „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“Против таткото на режисерот Јани Бојаџи е поднесена кривична пријава, заедно со уште 13 лица за повеќе кривични дела за криумчарење артефакти. Дел од големиот број одземени на артефакти/ Режисерот Јани Бојаџи (Фото: МВР/К. Попов)

    Министерството за внатрешни работи (МВР) отфрла какви било поврзаности со случувањата со филмот на режисерот Јани Бојаџи „Ругање со Христос“, против чиј татко е поднесена кривична пријава за повеќе сторени кривични дела, откако вчера беше приведен во рамки на акција за сузбивање криминална група за криумчарење артефакти, во која беа уапсени 13 лица во неколку градови.

    „Секој кој сторил кривично дело ќе одговара, без разлика дали е син, татко или некој друг. Целата акција е работена една година, затоа ги отфрлуваме таквите шпекулации“, рече денес на прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

    Режисерот синоќа, пред македонската премиера на филмот на фестивалот Киненова објави дека во домот на неговите родители во Струмица, утрото бил извршен претрес по што татко му е приведен и донесен во полициската станица во Гази Баба во Скопје.

    „Криминалистичката истрага се спроведуваше една година од страна на ОСОСК – Единицата за сериозен криминал, при Секторот за криминалистички истраги, а вчера се извршени претреси на вкупно 16 локации Скопје, Велес, Струмица, Радовиш, Тетово, Струга и Битола, при што од слобода се лишени 13 лица и од нив привремено се одземени голем број на артефакти: монети, полускапоцени и скапоцени камења, стар накит, скулптури, керамички и бронзени предмети, метални шипки, мапи, метал детектори, скици, тефтери, нотеси, мобилни телефони, рамка за пиштол и куршуми“, рече Ангеловски.

    Ангеловски рече дека поднесени се кривични пријави против вкупно 14 лица: Р. П. (46) од с. Лисиче, Велес, А. Б. (70) од Струмица, И. Д. (51) од с. Делогожди, Струга, Ж. Р. (65) од Скопје, В. М. (60) од Скопје, К. А. (49) од Тетово, Д. М. (37) од с. Раклиш, Радовиш, С. А. (28) од с.Ињево, Радовиш, Ј. М. (72) од Струмица, З. Ј. (66) од Битола, А. Б. (74) од Струмица, О. Р. (57) од Скопје, Т. Ј. (47) од Велес, Б. Д. (45) од Велес, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ по член 394 ст.1, „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по чл.265, „изнесување односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по чл.266 и „прикривање“ по чл.261 ст.3 од Кривичниот Законик на Македонија.

    Дел од одземените монети (Фото: МВР)

    „Пријавените Р. П. (46), А. Б. (70) и Ж. Р. (65) во текот на 2017 и 2018 година, со цел стекнување на противправна имотна корист и присвојување на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости, создале злосторничко здружение во кое како членови за целиот временски период или повремено партиципирале останатите кривично пријавени лица. Пријавените организатори и членови на злосторничко здружување, во наведениот период со умисла и континуирано нуделе на продажба поединечно или групно повеќе предмети пронајдени претходно или во тек на посочениот период, договарале и вршеле истражувања на различни локации. Ископаните археолошки предмети од непроценлива вредност (монети, скапоцени и полускапоцени камења) на повеќе археолошки локалитети на повеќе локации низ државата (Струмица, Велес) ги продавале на заинтересирани лица од странство (Албанија, Турција и Грција), а продажбата ја вршеле на непосредни средби. Купопродажбата освен на територија на Македонија, ја вршеле и во Грција“, рече портпаролот.

    По лишувањето од слобода И. Д., Ј. М., Б. Д., В. М., А. Б., Р. П., Ж. Р., и А. Б. се задржани во полициска станица до нивно изведување пред Судија на претходна постапка, а О. Р., Т. Ј., К. А., З. Ј. и Д. М. по извршениот службен разговор се пуштени.

    Филмот на Бојаџи е актуелен изминатиов период по реакциите од Министерот за култура Асаф Адеми и од директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, кои иако велат дека не го гледале филмот туку само трејлерот, го оценија како скандалозен, без уметничка вредност и оти ги навредува чувствата на Албанците оти војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи.

    Но во конечната верзија на филмот, кој првпат вчера го виде македонската јавност, таква сцена на силување нема. Многумина по синоќешната премиера сметаат дека попусто се дала политичка конотација на филмот е  и се направила драма без потреба.

    Бојаџи пред 4 дена обвини дека власта се обидува да ја спречи премиерата и кинодистрибуцијата на „Ругање со Христос“ во Македонија, а завчера кажа и дека филмот е одбиен од сите центри за култура, како и од Синеплекс.

    „Ми кажаа дека до крајот на годината немаат ниту еден слободен термин. И во кино Милениум и во кино Фросина. Исто и во Кино Култура, во Битола, во Куманово и во други градови“, изјави завчера Бојаџи.

    Бојаџи денеска на прес-конферецијата по фестивалската премиера не коментираше за акцијата на МВР.

    ТАТКОТО НА РЕЖИСЕРОТ ЈАНИ БОЈАЏИ Е МЕЃУ 13-МИНА ПРИВЕДЕНИ ЗА КРИУМЧАРЕЊЕ АРТЕФАКТИ, ВЕЛИ МВР

    ФЕСТИВАЛОТ КИНЕНОВА ЛАЖЕ ДЕКА СМЕ ИМ ГИ ОГРАНИЧИЛЕ БИЛЕТИТЕ ЗА „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“, ДИРЕКТОРОТ ЈОВАНОВИЌ ОДАМНА ГО ПОТПИША ДОГОВОРОТ, ВЕЛИ МКЦ

    НЕ СУМ ГО ГЛЕДАЛ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ МИ ИСПРАТИ ТРЕЈЛЕР И УВИДОВ ДЕКА Е ПАРТИСКА ПРОПАГАНДА И ЗАЗЕМА СТРАНА, ВЕЛИ ТОЗИЈА ЗА ФИЛМОТ НА БОЈАЏИ ШТО ГО ОСУДИЈА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА И АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ПОВИКУВА НА НАСИЛСТВО И ТЕРОР ВРЗ МЕНЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ НА „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ ЈАНИ БОЈАЏИ

    ИАКО НЕ ГО ГЛЕДАЛ, МИНИСТЕРОТ АДЕМИ СМЕТА ДЕКА ФИЛМОТ „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ Е НАВРЕДЛИВ ЗА АЛБАНЦИТЕ

    „РУГАЊЕ СО ХРИСТОС“ НА БОЈАЏИ ДОБИ НАГРАДА ЗА ИНОВАТИВНОСТ ВО МОНТРЕАЛ

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира