КРИВИЧНА ЗА КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ ОТИ ГО ПОСТАВИЛ АТАНАСОВ ЗА ДИРЕКТОР НА „ВОДОВОД“ БЕЗ ДИПЛОМА

    КРИВИЧНА ЗА КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ ОТИ ГО ПОСТАВИЛ АТАНАСОВ ЗА ДИРЕКТОР НА „ВОДОВОД“ БЕЗ ДИПЛОМАОд 11 пријавени кандидати за директор во 2014 година бил избран кандидатот А.А., кој имал некомплетни документи, односно дипломата за завршен факултет во државата Њујорк во САД не му била нострифицирана. - Александар Атанасов; Коце Трајановски (Фото: СДК.МК)

    Ексградоначалникот на Скопје Коце Трајановски доби кривична пријава од Министерството за внатрешни работи бидејќи во 2014 години го поставил Александар Атанасов за директор на ЈП „Водовод и канализација“ а немал диплома за завршен факултет.

    Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава и против тројца други лица вработени во Град Скопје односно Н.И.(65), В.Ѓ.(53) и Б.Т.(67), поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.

    „Првопријавениот К.Т., како градоначалник на град Скопје, во текот на декември 2014 донел Одлука за распишување на јавен конкурс за избор на директор на ЈП „Водовод и канализација“, врз основа на што бил објавен Јавен конкурс и била спроведена постапка за избор на директор на претпријатието. За спроведување на постапката биле назначени Н.И. – раководител на секторот за општи работи во Град Скопје, претседател на комисијата за спроведување на постапката за избор на директор во ЈП „Водовод и Канализација“, а В.Ѓ. – раководител на одделение за управување со човечки ресурси во Град Скопје и Б.Т. – раководител на сектор за правни работи во Град Скопје, во својство на членови на комисијата“, се вели во соопштението на МВР.

    Како што информираат од МВР претседателот и членовите на комисијата не извршиле проверка на комплетноста и валидноста на доставената документација од кандидатите за распишаниот јавен конкурс за избор на. Од 11 пријавени кандидати за директор бил избран кандидатот А.А., кој имал некомплетни документи, односно дипломата за завршен факултет во државата Њујорк во САД не му била нострифицирана. Ваквата одлука тие ја доставиле до К.Т., кој исто така, не извршил проверка и донел Одлука за избор на А.А. за директор на ЈП „Водовод и канализација“.

    „По изборот, Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), до Министерството за труд и социјална политика и до Државниот инспекторат за труд, поднеле претставка за начинот на избор на директор. По извршениот инспекциски надзор во јавното претпријатие, на К.Т. му било укажано да ја преиспита одлуката за избор на директор на претпријатието и да донесе одлука во согласност со своите надлежности, но тој не преземал никакви дејствија со што му овозможил на лицето А.А. да продолжи да ја извршува функцијата“, велат од МВР.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира