КУЧИЊА НАПАДНАА СЛУЖБЕНИК НА СВЕТСКА БАНКА ВО СКОПЈЕ, СКРШИЛ НОГА БЕГАЈЌИ  

    КУЧИЊА НАПАДНАА СЛУЖБЕНИК НА СВЕТСКА БАНКА ВО СКОПЈЕ, СКРШИЛ НОГА БЕГАЈЌИ  Член на тимот на Светска банка кој е во посета на Македонија, беше нападнат од улични кучиња на кејот на Вардар додека џогирал. Од страв скокнал од ѕидот и си ја повредил ногата, потврди мисијата на Светска банка во Скопје; Глутница кучиња кај Спомен-куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Службеник на Светска банка кој е во посета на мисијата во Македонија бил нападнат од кучиња додека трчал на кејот на Вардар во Скопје, при што паднал и ја скршил ногата. Додека бил нападнат од кучињата, службеникот почнал да вика за помош, но не ја добил иако во близина забележал униформирани лица, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од очевидци на настанот. Му помогнале минувачи кои биле на кејот и ги избркале кучињата.

    Подоцна повредениот е згрижен во една приватна болница во Скопје.

    Мисијата на Светска банка во Скопје го потврди настанот.

    „Член на тимот на Светска банка кој е во посета на Македонија, беше нападнат од улични кучиња на кејот на Вардар додека џогирал. Од страв скокнал од ѕидот и си ја повредил ногата. Се чувствува добро,  но природата на повредата е таква што му треба време да заздрави“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Мисијата на Светска банка во Скопје. „На Светска банка ѝ е жал за оваа непријатна епизода. Скопје е убав, гостопримлив град, но сметаме дека е важно да се контролира проблемот со дивите кучиња во урбани области на начин кој е хуман за кучињата, и кој обезбедува безбедност и за граѓаните и за посетителите на градот“, велат од Светска банка.

    Според очевидци, од кучиња на кејот бил нападнат и член на тимот на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, за време на неговата дводневна посета во Скопје на 5 и 6 септември, но тој останал неповреден.

    Во јануари, откако жена и нејзиното три годишно дете беа нападнати од кучиња во населбата Хром, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов најави дека резултатите од мерките на Градот за решавање на проблемот ќе бидат видливи на среден рок.

    „Градот во соработка со здруженијата за заштита на животните изготви посебен извештај, во кои се предвидени чекорите за решавање на проблемот со кучињата скитници. Повеќе од 10 милиони денари се обезбедени во буџетот за оваа година, што досега не било практика. Почнуваме системски да го решаваме проблемот и на еден среднорочен рок градот Скопје нема да има проблем со кучињата скитници“, рече Шилегов.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира