Шест од најфаворизираните судии во Кривичниот суд од страна на претходната власт, предводена од Никола Груевски, остануваат со новиот распоред на претседателот Иван Џолев, да ги судат предмети на СЈО. Сите до еден, без исклучок, или отворено застанаа да ги блокираат постапките на Специјалното обвинителство, или беа во спасувачка мисија од притвор на Груевски и најблиските негови соработници, некои беа пуштани во бомбите на опозицијата, а некои беа дури и наведени и во Извештајот на Стејт департментот за политизираното судство.
Станува збор за судиите: Софија Лаличиќ, Елена Илиевска – Јосифовиќ, Илија Трпков, Ленка Давиткова, Диана Груевска – Илиевска и Љубинка Башевска, кои со распоредот се префрлени во кривичниот оддел за полнолетни лица, каде што ќе се судат повеќе од половината од судските предмети на специјалната обвинителка Катица Јанева.
Тие се ставени во рангот на долгогодишните судии: Оља Ристова, Марија Клетничка, Славица Јосифовска, Драган Николовски, Лидија Зимбовска, Славица Андреева, Ѓоко Ристов и други, кои беа маргинализирани и тргани од предметите на СЈО со распоредите на поранешните претседатели Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев.
- Љубинка Башевска е позната по тоа што лани цела година одбиваше да го покани Никола Груевски како главен сведок на Катица Јанева во предметот „Пуч“, поради што нон-стоп наоѓаше причини да го одлага судењето. На први ноември лани таа судењето го одложи на неопределено време (што е преседан), бидејќи немаше храброст да го покани сведокот Груевски. Јанева толку многу се разлути на едно од тие рочишта, каде обвинети беа Зоран Заев, Зоран Верушевски, неговата сопруга и други, што во еден момент и застана на патот и не ја пушташе Башевска да си оди од судницата, без да даде одговор зошто ја манипулира јавноста со постојаното одлагање на „Пуч“, зошто го штити сведокот Груевски, зошто намерно вклучува поротници без безбедносен сертификат, итн. Јанева подоцна го повлече случајот „Пуч“ за масовното прислушување и поднесе нови обвиненија за предметите „Тврдина“ и „Таргет“.
- Судијката Ленка Давиткова, пак, заедно со уште двајца судии не дозволи да се замрзне партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, на барање на Специјалното обвинителство во истрагата за „Талир“ за нелегално финанаирање и пререње пари од страна на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Груевски и од неговите најблиски соработници. Давиткова претходно го осуди Зоран Верушевски на три години затвор за поседување службен пиштол.
- Софија Лаличиќ ја има во бомбите во разговор со ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков како се меша во изборот на судии во Кривичниот суд и, се интересира уште колку места слободни останале за избор. По тој озборувачки муабет со Мијалков, каде ја набедува судијката Лидија Петровска дека „испушила“ кај друга Лидија, купувајќи накит „Сваровски“, само за да биде избрана за судија, судството го доби епитетот Сваровски – судство. Лаличиќ веднаш се иззема од сите предмети на СЈО зашто ја имало во бомбите. Оттаму, кај неа не се падна за оценка ниедно од обвиненијата на СЈО. Неодамна се иззема и од судскиот предмет „Тотал“ против Драган Павловиќ – Латас, што ги иритираше судиите во Основниот суд Скопје 1, кои коментираат дека треба да си бара преместување да суди во друг град, штом постојано во Основниот суд Скопје 1 од нешто се иззема.
- Диана Груевска – Илиевска на почетокот на јули годинава, го спаси од притвор експремиерот Никола Груевски, но и останатите обвинети во „Титаник“ за големи изборни нерегуларности: Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Кога двајцата судии на тричлениот кривичен совет на кој таа била претседател изгласале одлука два спрема еден за да добие Груевски мерка притвор, Диана Груевска – Илиевска излегла надвор и веднаш го известила тогашниот претседател Стојанче Рибарев. Итно се издава службена тајна пред одбраната на Груевски дека против судијата што гласал за притвор Дарко Тодоровски имало некоја иницијатива за разрешување пред Советот за факти, адвокатите експресно бараат и добиваат негово изземање, Рибарев враќа од службен пат од Битола друг судија на негово место и се превртува исходот во два спрема еден, но за да се одбие притворот за Груевски.
- Елена Илиевска – Јосифовиќ е посочена во последниот извештајот на Стејт Департментот за Македонија како една од судиите преку која се прават политички манипулации во Кривичниот суд. Таа е сопруга на човек од доверба и клучен играч во компаниите на познат бизнисмен кој минатата година се појавуваше како сведок во предистражни постапки на СЈО. Со новиот распоред на претседателот на Судот Иван Џолев, таа и натаму останува во Кривичниот оддел за полнолетни, каде се дојдени најголемиот дел од предметите на СЈО.
- Судијата Илија Трпков, пак, е познат по друг преседан, а тоа е што по третпат Апелациониот суд му го враќа предметот „Ровер“, во кој еден од обвинетите е и Љубе Бошкоски. Бошкоски веќе побара психијатриско вештачење за судијата Трпков, бидејќи, како што тврди Бошкоски, судијата има халуцинации, води политички монтиран случај. Љубе со години бараше, но не доби изземање на Трпков.
Претседателот на судот Иван Џолев не ги коментира своите одлуки со новиот распоред. Вели дека сите судии се задоволни, скоро и да нема приговори. Но, негови блиски соработници велат дека тој не сакал да изигрува истражител и обвинител на судиите и оти бил на ставот ако има противзаконско, нестручно и несовесно работење кај овие и кај кои било судии во Кривичниот суд, тоа треба да го открие Обвинителството.
С. К. ДЕЛЕВСКА