ЛАЖНА ВЕСТ СЕ ШИРИ ДЕКА Е ЗАТВОРЕНА ЛАБОРАТОРИЈАТА ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ЕДНА ЛАБОРАНТКА Е ПОЗИТИВНА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ КОСТОВ

    ЛАЖНА ВЕСТ СЕ ШИРИ ДЕКА Е ЗАТВОРЕНА ЛАБОРАТОРИЈАТА ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ЕДНА ЛАБОРАНТКА Е ПОЗИТИВНА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ КОСТОВВо ГОБ „8 Септември“ во моментов имаат 145 позитивни пациенти со ковид-19 со тешка клиничка слика. Вкупно пациенти кои користат респираторна машина се 14. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Не е затворена биохемиската лабораторија во Градската општа болница „8 Септември“, само една лаборантка е позитивна, три колешки се во изолација и денес го очекуваат вториот контролен брис, по првиот негативен, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Христијан Костов. Вкупно досега има 25 заболени медицински лица, од кои 10 се во изолација.

    Костов ја демантира веста која се појави на социјалните мрежи дека лабораторијата е затворена поради тоа што целиот персонал е во самоизолација, и апелира да се внимава со лажни вести од каде доаѓаат, особено и затоа што лицето која ја пласираше веста не е ни вработено во „8 Септември“.

    „Се работи за лаборантка која се заразила од надвор, дошла на работа да пријави дека има температура, и во изолација се тие три колешки кои ја пречекале на врата. Нив три ги очекуваме на работа в понеделник, ако денес вториот брис им е негативен“, ни рече Костов и додава: „Ние ја имаме најголемата лабораторија во земјава. 150 вработени и 40 апарати. Дневно поминуваат по 500 пациенти, секој со по 30 анализи, тоа се 15.000 теста на ден. Не можам ни да замислам што ќе се случи ако ја затвориме лабораторијата“.

    Директорот вели дека во моментов имаат 145 позитивни пациенти со ковид-19 со тешка клиничка слика. Синоќа имало 16 приеми со тешка клиничка слика, 6 интубирани на респиратор, 8 на сипап респиратор. Вкупно пациенти кои користат респираторна машина се 14.

    Вработените во болницата често се соочуваат со проблеми и напади од семејства на пациенти, а на два пати мораше да реагира и полицијата. Во однос на случајот од 22 јуни,  кога на барање и со потпис од семејството од оваа болница бил испишан пациент од Скопје (64 години), бил транспортиран до својот дом со возило на брза помош и починал по пристигнувањето, Костов вели дека често имало такви случаи.

    „Не можеме да се рабереме со семејствата. Доаѓаат агресивни, инсистираат да си го земат членот на семејството, а пациентот е со тешка клиничка слика. Потпишуваат по десетина документи и си одат. Што да правам, полиција,  војска ли да викнам“, реагира директорот.

    Костов вели дека ГОБ „8 Септември“ од почетокот на коронакризата е главен ковид-центар во земјава, каде се примаат пациенти со тешка клиничка слика.

    „Не се согласувам дека болницата не требала да биде жртвувана за ковид-центар. Не сакам ни да помислам што ќе се случеше да не ги примавме пациентите со најтешка слика. Ако не беше така, огромен ќе беше бројот на починати од коронавирус“, ни рече директорот.

    Минатата недела, поранешниот директор на „8 Септември“ Сашо Стојчев кажа дека одлуката „8 Септември“ да се пренамени во ковид-центар не била добро промислена и добро испланирана. Тој вели дека оваа болница не требаше да биде жртвувана исклучиво за заразени со коронавирус, оти со капацитетот и кадарот со кој располага, требаше да остане отворена за прегледи и операции на редовни пациенти, а помали болници да се одредат како ковид-центри.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира