Извршниот одбор на Лекарската комора на Македонија изрази револт и незадоволство од договорот за определување на најниска плата во јавното здравство, што ја потпишаа вчера Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Министерството за здравство, со кој бодот се зголемува за 5 отсто. Лекарската комора смета зголемувањето на платите е повеќе од скромно и бара синдикатите во најкус можен рок да вложат напори да се коригира процентот на зголемување или да поднесат морална одговорност.
„Имајќи го предвид ваквото непочитување на договореното околу зголемувањето на платите во здравството, кое во разговорите беше определено на околу 15 отсто за 2018 година, сметаме дека синдикатите и нивните органи и тела во најкус можен рок треба да вложат напори и да се коригира процентот на зголемување на платите на докторите, а во спротивно тие треба да поднесат морална одговорност. Сметаме дека со корекцијата треба да бидат опфатени матичните лекари и покачувањата мора да бидат сеопфатни и да се однесуваат на здравствениот систем во целина. Направеното зголемување е парцијално и предизвикува непотребни поделби и конфронтации кај колегите“, се вели во реакцијата од Извршниот одбор на Лекарската комора.
Е. БОЧВАРОСКА