Лекарската комора потпиша Меморандум за соработка со осум здруженија на пациенти, а приоритена активност ќе заедничко вклучување во процесот на измени и дополнување на Позитивната листа на лекови, соопшти Комората.
Документот во име на Комората го потпиша претседателката проф. д-р Калина Гривчева-Старделова со претставници на здруженијата за бубрежно болни „Нефрон“, за ретки болести „Живот со предизвици”, за хронична миелоична леукемија, за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Хепар центар Битола, Сојузот на здруженија на дијабетичари, здруженијата на пациенти со рак и нивни негуватели „ХЕМА-ОНКО” и за помош и поддршка на пациентите со гинеколошки заболувања „ФЕМИНА М“.
Проф. д-р Гривчева-Старделова кажа дека меморандумот е израз на добра волја на двете страна за понатамошна поблиска соработка.
„Ова е важен настан за сите нас, бидејќи испраќаме јасен сигнал до јавноста дека лекарите и пациентите не се две спротиставени страни, како што тоа најчесто се перцепира, туку напротив, тие се вистински сојузници со заедничка цел, а тоа е овозможување на што подобар третман за пациентите, што е тесно поврзано со обезбедување на подобри условите за работа на докторите“, рече проф. д-р Гривчева-Старделова.
Меморандумот предвидува заеднички настап пред надлежните институции за предлагање на решенија за прашања од заеднички интерес, ќе се одржуваат и редовни координативни состаноци, а во овие активности ќе може да се приклучат и други здруженија на пациенти кои ги делат истите цели и интереси.