Лица со попреченост неколку пати во неделата ќе готват оброк за лица кои имаат или немаат можност за самостојна подготовка на храна, лица во социјален ризик и стари и изнемоштени лица. Ова е „Сите сити“, најдобриот иновативниот модел за искористување на вишоците храна избран на повикот „Предизвик за иновативно решение за обезбедување ОброкЗаСите“ на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Министерството за труд и социјална политика, што беше презентиран денес во прифатниот пункт за бездомници во Момин Поток.
„Новиот систем ќе се заснова на поефикасно искористување на сите вишоци храна што во моментот, за жал, завршуваат на отпад. Во Македонија 30 отсто од храната се фрла, што ја става на високото 8 место во светот на земји кои фрлаат храна според бројот на жители. Во периодот што следи, Фондот ќе реализира повеќе други иницијативи во делот на социјалните иновации “, рече директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.
Освен достава на храна, со овој модел се предвидува и кампања за подигнување на свеста на компаниите и граѓаните, прирачник за безбедна употреба на вишоците храна, воведување иновативна веб платформа која ќе ги поврзува бизнисите и граѓанските организации. Вишоците храна ќе се објавуваат на веб платформа и граѓанските организации ќе може навреме да ги превземаат, да планираат количини, лица и време на подигнување на храната.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека со овој модел ќе се обезбедува храна за 3-4 пати повеќе граѓани отколку досега, и дека подготвуваат стратегија за социјално претприемништво како систем за развој на социјалните претпријатија во Македонија.
Решението го изготвија неколку непрофитни организации предводени од „Ајде Македонија!“ и нивните партнери, Црвен Крст на Република Македонија, здружението за испитување материјали и развој на нови технологии АД (ЗИМ) и Дама-Л“ кое работи со лица со попреченост.
Иновативниот модел, кој чини околу 2 милони денари, годинава како пилот проект ќе се реализира во Куманово, Прилеп и Скопје.
Е. БОЧВАРОСКА