Магацините на велешката „Маслодајна“ се полни со масло за јадење, додека полиците во маркетите се празни, зејтин нема. Таква е состојбата во Скопје, Битола и други градови од земјава. Повеќе од 500 тони пакувано масло за јадење е подготвено за продажба, но интересот за него е мал. Ваквата незаинтересираност доаѓа откако државата се откажа од нејзината добивка – ДДВ, но ги ограничи и трговците да немаат маржа на овој основен продукт, заедно со брашното тип-400.
„Имаме доволно залихи на масло за јадење. Ние, како најголем производител од сончоглед, се обезбедивме и не сме зависни од увоз во овој период. Граѓаните не треба да имаат загриженост, ние работиме тековно и ги задоволуваме потребите на пазарот. Секој трговец кој ќе се обрати може да набави масло за јадење, секој ден. Не трчаме да обезбедиме рафинирано масло. Не чекаме Србија или друга држава да дозволи извоз на сурово масло. Без разлика дали ќе се дозволи, ние имаме доволно количини да ги задоволиме потребите на македонскиот пазар“, кажа Горан Лазов, генерален директор на „Маслодајна“.
Рече дека како фабрика работат веќе четири години за враќање на сончогледот, но и на маслодајната репка по македонските полиња, за да имаат суровина за работа. Гарантираат откуп, обезбедуваат семенски материјал, помош за ѓубриво. Но, сепак се зависни од увоз на сончогледот.
„Потрошувачите мора да знаат дека кризата нема да заврши за месец -два, туку ќе трае подолго време. Се однесува на висината на цената на маслото за јадење. Таа во блиска иднина нема да падне. Ако се стабилизира на оваа, постојната цена, ќе биде добро“, вели Лазов.
Велешкиот производител единствен во земјава откупува и произведува масло од сончоглед. За жал, поради малкуте засеани површини, лани есената беа откупени само 4 илјади тони домашен сончоглед, со кој може да се задоволат барањата на пазарот за еден месец. За задоволување на потребите на пазарот во Македонија за една година, потребни се најмалку 30 илјади тони сончоглед.
„Кризата со прехранбени производи е криза во цела Европа. Недостигот со одредени производи е скоро секаде. Сончогледовото масло за јадење е проблематично има недостатоци. Вчера донесовме една мерка со која ги отстрануваме сите увозни давачки за сончогледовото масло за јадење за да не случи граѓаните да останат без сончогледово масло во период кога немаме нова жетва на сончоглед која треба да дојде при крај на летото, кога и се очекува да имаме доволни количини на суровини за да се стабилизира производството“, рече денеска во Охрид вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој кажа дека секојдневно комуницираат со компаниите кои рафинираат и произведуваат масло за јадење и нивните залихи се доволни за месец до месец и пол. Дополнителните количини и вчерашната мерка ќе се доволни за да се преброди овој период, додека се најдат алтернативни извори на суровини кои поради кризата во Украина ги снема.
Цените се следат, вели Бектиќи и немало шокови токму поради мерките кои се преземале. Сепак, цената ќе зависи од откупот на суровините и производите кои компаниите ќе ги договорат при увозот.
П. ПЕЧКОВ