Во овој момент во Македонија нема регистрирани случаи, патници или блиски контакти поврзани со хантавирус, ниту постојат индикации за ризик по јавното здравје во државата, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) откако хантавирусна инфекција беше регистрирана кај патници на крузер во Јужен Атлантик.
Според информациите објавени од Светската здравствена организација, Европскиот центар за превенција и контрола на болести и националните здравствени власти на засегнатите земји, досега има пет потврдени и три сомнителни случаи кај патници и членови на екипажот на крузерот „Хондиус“, како и три смртни случаи. Во тек се епидемиолошките, клиничките и лабораториските испитувања, а меѓународните здравствени институции спроведуваат координирана истрага со цел утврдување на изворот на инфекцијата, можниот начин на изложеност и проценка на ризикот.
Според моментално достапните информации, изложеноста најверојатно е поврзана со активности и престој во области каде постои природно присуство на глодари, кои се природни резервоари на хантавирусите. Во тек е дополнителна анализа за утврдување на точниот тип на вирусот и евентуалните фактори кои придонеле за појавата на кластерот.
„Според моменталните сознанија и проценките на меѓународните здравствени институции, ризикот за пошироката популација останува низок. Светската здравствена организација и Европскиот центар за превенција и контрола на болести во моментов не препорачуваат воведување дополнителни рестриктивни мерки за патување или трговија. Сепак, се препорачува зголемена внимателност при престој во области каде што постои ризик од изложеност на глодари и нивни излачувања. Институтот за јавно здравје останува во постојана комуникација со меѓународните здравствени мрежи за рано предупредување и одговор, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за сите нови сознанија, проценки на ризик и евентуални препораки. Одделението за вирусологија при ИЈЗ располага со реагенси за детекција на оваа група вируси“, вели ИЈЗ.
Хантавирусите претставуваат група на зоонозни вируси кои циркулираат кај различни видови глодари. Луѓето најчесто се инфицираат преку вдишување на аеросоли контаминирани со урина, измет или секрети од инфицирани глодари, како и преку директен контакт со контаминирани површини.
ИЈЗ вели дека ограничен пренос од човек на човек е документиран само кај одредени типови на хантавирус и се смета за редок.
Заболувањето може да се манифестира со различна клиничка слика, од лесна фебрилна болест до потешки форми, со зафатеност на бубрезите или белите дробови. Клинички, најчесто се манифестираат два основни синдрома: хеморагична треска со бубрежен синдром, која е регистрирана во нашата земја и хантавирусен белодробен синдром.
Хеморагичната треска со бубрежен синдром претежно се јавува во Европа и Азија, а е предизвикана од вируси како Hantaan, Dobrava-Belgrad и Puumala. Болеста обично започнува нагло, со висока температура, главоболка, болки во грбот и стомакот, како и општа слабост, а подоцна се развиваат бубрежен синдром (намалено излачување или целосен престанок на излачување урина) и хеморагичен синдром (зголемена пропустливост на крвните садови и крвавења во кожата, слузокожите и органите). Смртноста е релативно ниска и се движи од 1% до 15%.
Хантавирусниот белодробен синдром, познат и како хантавирусен кардиопулмонален синдром, се јавува главно во Северна и Јужна Америка, а најчесто е поврзан со Sin Nombre вирусот. За разлика од хеморагичната треска со бубрежен синдром, се карактеризира со доминантно зафаќање на белите дробови. Почетните симптоми се неспецифични и потсетуваат на грип (температура, малаксаност, болки во мускулите), но брзо се развива респираторна инсуфициенција. Има значително повисока стапка на смртност, често меѓу 30% и 40%. Кај повеќето хантавируси, вклучително и оние кои ја предизвикуваат хеморагичната треска со бубрежен синдром во Европа (на пример, Puumala и Dobrava-Beograd), не е докажан пренос помеѓу луѓе.
Инфекцијата речиси секогаш се случува преку контакт со излачевините од заразени глодари. Меѓутоа, кај андскиот сој во Јужна Америка е потврден ограничен меѓучовечки пренос, најчесто при близок контакт (на пример, членови на семејство, здравствени работници) преку респираторни секрети во раната фаза на болеста.
Не постои специфична антивирусна терапија или вакцина за хантавирусна инфекција. Лекувањето е поддржувачко. Превенцијата на хантавирусните инфекции првенствено зависи од намалување на контактот помеѓу луѓето и глодарите.



