МАКЕДОНИЈА КАКО ЛИДЕР ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА ВО СПРАВУВАЊЕ СО ХИВ И СИДА ВО МАЈ ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА БОРДОТ НА ГЛОБАЛНИОТ ФОНД

    МАКЕДОНИЈА КАКО ЛИДЕР ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА ВО СПРАВУВАЊЕ СО ХИВ И СИДА ВО МАЈ ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА БОРДОТ НА ГЛОБАЛНИОТ ФОНД„Состанокот на Глобалниот фонд годинава ќе се оддржи во мај во Скопје и тоа е на еден начин признание за Република Македонија за лидерската улога и големата работа која овде е направена“, рече Аида Куртовиќ, претсдеателка на управниот одбор на Глобалниот фонд од Женева.- министерот за здравство Венко Филипче и Аида Куртовиќ (Фото: СДК.МК)

    За превенција и третман на ХИВ, СИДА и туберкулоза од буџетот на Министерството за здравство годинава се одвоени 95 милиони денари, од кои 47 милиони денари се за сервисите за превенција, кои ќе ги добијат 15 граѓански организации, 43 милиони денари се за терапија на луѓето што живеат со ХИВ и СИДА, а пет милиони денари се за работа на центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје за сузбивање на овие болести.

    Венко Филипче, министер за здравство кажа дека досега распишале два јавни огласи за доделување на средства за граѓанските организации за работа на сервисите за превенција, и дека во среда ќе потпишат договори со 15 граѓански организации по вториот конкурс, кој беше распишан на почетокот на овој месец.

    „Сервисите за превенција целосно ги преземаат граѓанските организации, кои и претходно беа вклучени во процесот. Предвидени се 90 милиони денари, кои се доволни се за да продолжи реализацијата на програмите така како што беа спроведувани и досега, и за превенција и за дијагноза и за третман“, рече Филипче, во рамки на третиот меѓународен состанок за одржливост на сервисите за ХИВ и туберкулоза во регионот на Југоисточна Европа.

    Тој кажа дека Македонија има исклучително ниска стапка на лица инфицирани со ХИВ, дури и во најризичните групи.

    „Тоа се должи на исклучително добра соработка меѓу владиниот и невладиниот сектор, и понатаму ќе продолжиме на истиот начин и со истото темпо да ја контролираме оваа болест“, кажа Филипче.

    Македонија на 8 и 9 мај ќе биде домаќин на бордот на Глобалниот фонд, односно состанокот ќе се одржи во Скопје. Филипче кажа дека одлуката во Македонија да се одржи овој состанок управниот одбор на Глобалниот фонд ја донел едногласно токму поради тоа што земјата досега успешно се справила со овој предизвик и стапката на ХИВ е ниска.

    „Владата стави акцент и огромен фокус на оваа проблематика, најде средства во националниот буџет и целосно го презема финансирањето на програмата, која се покриваше со грантови од Глобалниот фонд од 2004 година, а ги опфаќа превенцијата, дијагностиката и лекувањето на ХИВ, СИДА и туберкулоза. Како Министер за здравство ги препознавме граѓанските организации како клучни актери за натамошна имплементација на овој проект, со оглед на нивното огромно искуство и директниот контакт со најризичните групи“, кажа Филипче.

    Аида Куртовиќ, претседателка на управниот одбор на Глобалниот фонд од Женева, кажа дека на дводневниот состанок осум земји од Југоисточна Европа, ќе дискутираат како со заеднички сили и напори може да направат повеќе во борбата против ХИВ, и како со заеднички напори на владиниот и невладиниот сектор може оваа болест да се држи на ниско ниво.

    „Состанокот на Глобалниот фонд годинава ќе се одржи во мај во Скопје и тоа е на еден начин признание за Република Македонија за лидерската улога и големата работа која овде е направена, не само со невладините организации, туку во одржливоста на програмата за борба против ХИВ, СИДА и туберкулоза“, рече Куртовиќ.

    Христијан Јанкулоски, од платформата на граѓански организации за ХИВ кажа дека заедно со Министерството за здравство работат на изнаоѓање долгорочен механизам за справување со овие болести и одржување на ниска стапка.

    „Овој механизам треба да биде и законски и програмски поддржан, а не само финансиски, за да може во иднина овие сервиси да придонесат стапката на ХИВ и СИДА да бидат едни од најниските во Југоисточна Европа“, рече Јанкулоски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари