МАКЕДОНИЈА ЛАНИ ОСТАНА БЕЗ ЕКОНОМСКИ РАСТ ПОРАДИ ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА, СТОИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА СВЕТСКА БАНКА

    МАКЕДОНИЈА ЛАНИ ОСТАНА БЕЗ ЕКОНОМСКИ РАСТ ПОРАДИ ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА, СТОИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА СВЕТСКА БАНКА„Економијата веќе почнува да закрепнува во 2018 година, предводена од потрошувачката и закрепнувањето на инвестициите. Нашите прогнози се позитивни за блиска иднина“, велат од Светска банка. (Фото: Светска банка)

    Македонија минатата година ја заврши без економски раст, но економијата закрепнува од тековните шокови, стои во најновиот редовен извештај на Светската банка за Западен Балкан. Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, рече дека влијанието на политичката криза во Македонија врз економијата траело подолго од очекуваното.

    „Но, економијата веќе почнува да закрепнува во 2018 година, предводена од потрошувачката и закрепнувањето на инвестициите. Нашите прогнози се позитивни за блиска иднина“, кажа Мантованели.

    Бруто домашниот производ во регионот, според извештајот, е намален од 3,1 процент во 2016 година на проценети 2,4 проценти лани, како резултат на острата зима и на помалите инвестиции. Растот се прогнозира да се зголеми на 3,2 проценти годинава и на 3,5 проценти следната година.

    Линда Ван Гелдер, регионален директор во Светска банка за земјите од Западен Балкан, кажа дека економскиот тренд во регионот на Западен Балкан е позитивен.

    „Сè повеќе луѓе наоѓаат работа, а платите полека се зголемуваат. Меѓутоа, растот е ранлив од домашни и надворешни шокови што се потврди со забавувањето на растот во 2017 година. Поробустниот раст што го прогнозираме за следните години е условен од вистинската комбинација на политики и регулативи за намалување на ранливоста од шокови и за поддршка на растот“, вели Гелдер.

    Во извештајот на Светска банка се вели дека студената зима довела до поголем увоз на струја, големите инфраструктурни проекти барале повеќе опрема од странство што предизвикало зголемување на увозот.

    „Тоа предизвика намалување на проценката за растот во 2017 година од претходната, од 2,6 проценти на 2,4 проценти. Растот на БДП од помеѓу 3 проценти и 4,4 проценти во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора беше анулиран со немањето раст во Македонија и зголемувањето од само 1,9 проценти во Србија, која е најголема економија во регионот. Во целина, перспективите се позитивни, бидејќи растот во Србија и во Македонија закрепнува од тековните шокови, во Босна и Херцеговина и во Косово се зголемуваат инвестициите, додека растот во Албанија и во Црна Гора забавува со привршувањето на големите инвестициски проекти и со продолжувањето на многу потребната фискална консолидација во Црна Гора, се вели во извештајот на Светска Банка.

    Просечната стапка на вработеност во Западен Балкан, според Светска банка, постојано расте и во септември лани достигнала 42,6 проценти.

    „Невработеноста во регионот е за 5,6 проценти пониска отколку во претходната година, а невработеноста кај младите опадна од 37,5 проценти во 2016 на 31,5 проценти во 2017 година. Но, темпото на отворање нови работни места забавува и стапката на раст на вработеноста на годишно ниво падна од 4,5 проценти во 2016 на 3,2 проценти во септември лани“, стои во извештајот на Светска банка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира