„МАКЕДОНИЈА ПАТ“ САМО ЗА СОЛ И РИЗЛА ДОДЕЛИ ТРИ ТЕНДЕРИ ОД ПО 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО, ДОПРВА ЌЕ РАСПИШУВА ЗА МЕХАНИЗАЦИЈА, ПОКАЖА НОВА АНАЛИЗА

    „МАКЕДОНИЈА ПАТ“ САМО ЗА СОЛ И РИЗЛА ДОДЕЛИ ТРИ ТЕНДЕРИ ОД ПО 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО, ДОПРВА ЌЕ РАСПИШУВА ЗА МЕХАНИЗАЦИЈА, ПОКАЖА НОВА АНАЛИЗАДржавните институции досега само за сол и ризла потрошиле над 3,5 милиони евра, вели Центарот за граѓански комуникации во анализата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За најавените снег и мраз на улиците и патиштата зимава 2024-2025 година, државните институции досега само за сол и ризла потрошиле 219 милиони денари (3.569.106 евра). Најголеми се тендерите на Јавното претпријатие за одржување на патишта „Македонија пат“, кое засега има склучено три двегодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно. Но сите три договори се за набавка на индустриска сол и ризла за патиштата, без јавни набавки за механизација за чистење.  Допрва ќе се распишуваат такви тендери и сумата од над 3,5 милиони евра ќе расте, вели новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ).

    „Склучени се вкупно 49 поединечни договори, коишто, покрај изнајмување возила и работници за зимско одржување, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Вакви тендери имаат: Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 38 Општини, Градот Скопје и Електрани на Северна Македонија (ЕСМ)“, вели Центарот за граѓански комуникации во анализата.

    Јавното претпријатие „Македонија пат“ сè уште нема склучено договор со некоја фирма за зимско одржување на патиштата, што значи дека патиштата треба да ги одржува со својата механизација. Постапката за „ангажирање трети лица“ за зимско одржување на патиштата низ Македонија е поништена во декември лани и веднаш е распишана нова со краен рок за доставување понуди на 10 јануари годинава.

    Локалната самоуправа ќе потроши 2,3 милиони евра за зимско одржување, пресмета ЦГК. За зимско одржување, односно за набавка на механизација, сол и ризла за улиците и патиштата, имаат склучено договори 39 Општини.

    „Најголем е тендерот на Град Скопје, кој за оваа намена годишно троши по повеќе од половина милион евра. Од другите Општини највредни тендери за зимско одржување имаат Битола, околу 250 илјади евра, Кичево – 134 илјади евра, Центар – 116 илјади евра, Гази Баба – 113 илјади евра, Гостивар 96 илјади евра и Струга 92 илјади евра“, вели анализата на ЦКГ.

    Но покрај тендерот на Град Скопје, тендери за зимско одржување на улиците имаат и уште осум други скопски Општини. Најголемите се на Општина Центар – 116 илјади евра и на Општина Гази Баба – 113 илјади евра. Вкупно, овие осум Општини исто така имаат повеќе од половина милион евра за чистење на снегот и мразот. Ова значи дека за територијата на Град Скопје предвидени се повеќе од еден милион евра за зимско одржување и чистење на улиците.

    „Кога станува збор за фирмите, највреден тендер има фирмата ‘Лугос ЛЦ’ од Скопје, која со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта има склучено двегодишен договор за снабдување со индустриска сол за патиштата во вкупна вредност од 2 милиони и 300 илјади евра. Втора е фирмата ‘Нексос Инженеринг’ од Скопје со договорот од 1 милион и 55 илјади евра склучен со Градот Скопје за двегодишно ангажирање на специјални возила за зимско одржување на улиците. Трета е фирмата ‘Анизор Драшко’ од скопското село Шишево која има склучено договори за зимско одржување со пет скопски Општини во вкупна вредност од 342 илјади евра“, вели Центарот за граѓански комуникации и напоменува дека вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека во тек се уште 13 тендери за оваа намена, чиј исход сè уште не е познат.

    Од ЦГК забележуваат и дека има многу мала конкуренција на тендерите.

    „Просечниот број понуди на склучените договори за зимско одржување на патиштата изнесува 1,4 по тендер, што е исклучително ниско ниво на конкуренција. За ова зборува и податокот дека дури на 71 % од тендерите имало само по една понуда.Вистинска конкуренција од дури 6 понуди имало само на еден тендер, и тоа на најголемиот – за индустриска сол за патиштата“, вели ЦГК.

    Во истражувањето се опфатени тендерите на сите институции на централно и локално ниво спроведени во текот на 2023 и 2024 година за зимско одржување на улици и патишта за сезоната 2024/25.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира