„МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ НА ОГЛАС БАРА 325 ДРВОСЕЧАЧИ, А ВРАБОТИ 1.600 АДМИНИСТРАТИВЦИ НА ЛОТАРИЈА

    „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ НА ОГЛАС БАРА 325 ДРВОСЕЧАЧИ, А ВРАБОТИ 1.600 АДМИНИСТРАТИВЦИ НА ЛОТАРИЈАПоранешните министри Диме Спасов и Зоран Ставрески во октомври 2013 година беа гости во емисијата на МРТВ во која што беа прочитани имињата на сите 1.600 добитници на работници место во „Македонски шуми“. (Фото: принтскрин/Јутјуб)

    Јавното претпријатие „Македонски шуми“ објави оглас за 325 работници на определено време. Се бараат 216 сечачи и 109 дотурачи, кои ќе бидат вработени до крајот годината. Платата за сечачите е 14.490 денари, а на дотурачите 13.050 денари.

    Oглас за вработување на 223 сечачи и дотурачи во „Македонски шуми“ за сечачи претходно имаше во април 2016 година. И тогаш вработувањата беа на една година, со важност до 30 јуни 2017 година. Досега „Македонски шуми“ ангажираше надворешни компании за сечење и транспорт на дрва и за тоа плаќаше и до 13 милиони евра годишно.

    Во октомври 2013 година, беше спроведена лотарија за вработување во „Македонски шуми“. Во пренос во живо на МРТВ, со поранешните министри Зоран Ставрески и Диме Спасов како гости, беа прочитани имињата на сите 1.600 лица кои добија работа од вкупно пријавени 20.000. Добитниците на работно место потоа беа распределувани во јавната администрација од Министерството за информатичко општество и администрација.

    Во јуни истата година, Владата му прости на „Македонски шуми“ долг од 43 милиони евра по основ на данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок на доход, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, камати и обврски по основ на денарски кредити. И покрај тоа, јавното претпријатие редовно фигурираше на листата на должници на УЈП со милионски долгови.

    Во 30-те подружници на „Македонски шуми“ има околу 2.500 постојано вработени.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира