МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ ЌЕ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ТЕНДЕРИТЕ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА НАТО

    МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ ЌЕ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВААТ НА ТЕНДЕРИТЕ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА НАТОКако што кажаа Заев и Шекеринска извршено е услогласување на домашното законодавство и сега компаниите може да учествуваат на овие тендери. (Фото: К.Попов)

    Компаниите од земјава отсега ќе може на учествуваат на тендери за потребите на НАТО и земјите членки. Како што кажаа на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски извршено е услогласување на  домашното законодавство и сега компаниите може да учествуваат на овие тендери. Вкупната вредност на набавките на Алијансата надминува 5 милијарди евра годишно.

    „Сакаме да ги увериме деловните луѓе, стопанските комори и сите останати бизнис асоцијации, дека НАТО Центар за поддршка на компаниите не е само уште една бирократска алка во постапката, туку доверлив партнер со сите информации и знаења за да ви ја олеснат процедурата и да ви помогнат дали ги исполнувате условите за да учествувате во набавките за НАТО за да станат деловен партнер на најголемата воена алијанса во светот“, речепремиерот Заев.

    Министерката за одбрана Радмила Шекеринска кажа дека Центарот за поддршка на компании веќе е формиран во Министерството за одбрана и ги повика компаниите да го прифатат предизвикот и да учествуваат на тендерите за набавки на потребите на Алијансата.

    „Станува збор за навистина компетитивен пазар кој не треба да ни претставува пречка, туку да ни биде дополнителен мотив да бидеме подобри, поефикасни и поквалитетни. Преку Центарот за поддршка на компании, ќе им помагаме на компаниите првенствено да извршат регистрација во НАТО агенциите, а потоа да добијат пристап кон објавените тендери. Центарот ќе помага со пренесување на научените лекции за успешно аплицирање на тендери, како и за поврзување на македонските компании со светските гиганти кои веќе имаат активни договори со НАТО агенциите, а имаат потреба од добавувачи“, рече министерката Шекеринска додаде дека процесот на регистрација е едноставен, а сите информации можат да се најдат на веб страницата на Министерството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира