Заглавената брачна двојка македонски државјани во военото жариште во Газа, се долгогодишни жители таму, а не туристи или сезонски работници. Тие се на возраст од 60-тина години и надеж да излезат од изолираната Газа гледаат во нашата амбасада, односно во нашето Министерство за внатрешни работи.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, жената е од Македонија, мажена за Арап. Тие имале свој дом во Газа. Сопругот преку жената низ годиниве си извадил македонско државјанство.
Од 20-темина во загрозените подрачја, донесени се ноќеска во Атина пет наши државјани. Утринава дополнителни 17 стигнаа во Атина, патуваат накај Солун, па дома.
Засега во загрозено подрачје е останата само брачната двојка, со ракети и бомби околу нив, без струја, вода храна. Утринава министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека секојдневно амбасадорот комуницира со нив и дека засега се на безбедно место, во однос на тоа каков хорор е во Газа.
„Единствениот излез им беше преку Египет, но тамам стигнале до граничниот премин, се затвори границата. Моментално двајцата не може да излезат ни кон Египет, ни кон Израел”, рече Османи.
Состојбата се менува од час во час, но засега државата нема како да ги извлече од Газа. На отворањето на границата кон Египет, чекале илјадници, илјадници луѓе.
„Амбасадата во Каиро нема конкретен одговор од властите на Египет дали ќе ја отворат границата. Не се сами, многу луѓе кои се заглавени во Газа, чекаат да излезат преку границата со Египет. Досега сме контакт 150 наши граѓани. Од нив 60 се вратени. А овие 90 очекувам утре сите да бидат вратени во Македонија. Владата организира, денеска ќе бидете информирани како ќе бидат транспортирани дома овие 90 наши државјани”, кажа Османи и за преостанатите 90 пријавени за евакуација во Македонија.
Османи кажа дека има и такви кои се чувствуваат безбедно и не сакаат да го напуштат Израел и да се вратат во Македонија. Најчесто тоа се мажени, женети наши за израелски државјани.
С. К. ДЕЛЕВСКА