МАНУ И ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ОБЈАВИЈА КНИГА ЗА АКАДЕМИК КАМБОВСКИ ЗА НЕГОВИОТ 70. РОДЕНДЕН

    МАНУ И ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ОБЈАВИЈА КНИГА ЗА АКАДЕМИК КАМБОВСКИ ЗА НЕГОВИОТ 70. РОДЕНДЕНКнигата е заедничко издание на МАНУ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје. - Академик Владо Камбовски на денешната свеченост во МАНУ (Фото: МИА)

    Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија (МАНУ), денес на одбележувањето на 52-та годишнина од основањето, ја промовираше книгата „Камбовски Liber Amicorium (Книга на пријатели)“ во чест на 70 години од животот на академик Владо Камбовски. Станува збор за заедничко издание на МАНУ и Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

    Книгата ја промовираа академик Таки Фити, претседател на МАНУ, академик Георги Старделов и професорот Горан Каевски.

    Основна научна преокупација на академик Камбовски е казненото право и филозофија на правото (Фото: МИА)

    Академик Камбовски е роден на 5 јануари 1948, а  во 1977 бил избран за предавач и држел предавања по кривично право на правните факултети во Скопје и во Битола, како и на Факултетот за безбедност во Скопје. Во 1980  на Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација. Истата година бил избран за доцент по предметот кривично право, а потоа и за декан на Факултетот за безбедност, која должност ја вршел до 1984 . Од 1 декември 1998 до 28 декември 1999 ја вршел должноста министер за правда во Владата.

    За редовен професор на Правниот факултет бил избран во 1992, а реизбран во 2000. Во мај 2006 бил избран за редовен член на МАНУ, а од 2011 до 2015 беше претседател на МАНУ. Основна научна преокупација на академик Камбовски е казненото право и филозофија на правото. Издал околу 40 книги, објавил повеќе од 350 научни трудови, а учествувал со реферати на повеќе од 40 собири на филозофско-правни теми.

    На денешната свеченост за годишнината на МАНУ, академик Фити кажа дека активностите на МАНУ во изминатата година се реализирале успешно и со планирана динамика.

    „Академијата се посвети на научноистражувачки проекти од различни области, разгледуваше и актуелни теми, а најголемо внимание им посвети на евроинтеграциските процеси. Имавме извонредно богата работна програма, насочена во различни области која опфати различни теми, главно круцијални и врзани за актуелни состојби во Македонија во сите сфери на општественото живеење кои се во интерес на МАНУ – владеењето на правото и демократијата, што ќе биде и првото поглавје што нашата земја ќе го отвори во преговорите со ЕУ, потоа образованието, особено високото, науката, истражувањето и иновациските политики, економијата, потоа енергетика и животна средина, а посебно внимание обрнавме и на уметноста, културата, јазикот, мултикултурализмот“, рече академик Фити.

    Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити на денешното одбележување на 52. годишнина на институцијата (Фото: МИА)

    Во чест на денот на МАНУ, меѓународното признание „Блаже Конески“ им беше врачено на Марија Солецка, Марија Бежановска и Борислав Павловски, кои се заслужни за промоција на македонскиот јазик и литература во средините каде што живеат и работат, односно Полска, Франција и Хрватска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари