Премиерот Христијан Мицкоски, ден по средбата со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Скопје, рече дека иако имале конструктивна средба, една од темите за кои не се сложувале бил ставот на Владата околу преговорите со ЕУ односно уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот.
„Нашиот став е јасен и непроменет. Не постои цена која што може мене, како претседател на Владата, да ме натера да влезам во таква авантура, а во којашто нема да има извесен крај. Многупати во минатото на граѓаните, но и на политичарите од македонската Влада, им беа давани ветувања, беа тапкани по рамо дека уште ова треба да се направи, верувајте ми на зборот и така натаму, но за жал ние се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 26 години“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за економките резултатите на Владата.
Премиерот кажа дека во Бугарија драматично се радикализира состојбата и дека не очекува промена на ставот во однос на нашиот почеток на преговорите со ЕУ.
„Но, и тоа ќе го издржиме. Имаме доволно сила и да победиме дома, но и да победуваме надвор, така што ние сме подготвени за за сето ова, имаме факти, имаме аргументи, ќе работиме. Ова не е спринт, ова е маратон. Потребна е стратегија, план, визија. Ова се победува со ум, не се победува со брзање и под притисок. Така што, јас ја повикувам македонската јавност да застане и да се обедини околу политиките на Владата кога станува збор за ова прашање, бидејќи колку повеќе сме заедно и колку повеќе сме обединети, толку повеќе сме силни и дома и надвор. А оние што претставуваат мекото ткиво на македонскиот идентитет, за нивна жал, а за среќа на огромно мнозинство граѓани во државава, ќе бидат наскоро поразени и минато на политичката сцена во државата“, рече Мицкоски.
Кошта вчера на прес-конференцијата по средбата со Мицкоски кажа дека дека само со направени уставни измени Македонија може да ги почне преговорите со Европската унија. Нагласи дека нема простор за нови договори или ново преговарање на веќе усвоената преговарачка рамка.
„Европската Унија им обезбеди траен мир и стабилност на своите земји-членки преку отпорни демократски институции и силни економски врски. Проширувањето како такво ги нуди истите можности и на нашите европски соседи, како што е Северна Македонија. Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори. Она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија“, рече Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.
А. АНТЕВСКА



