Премиерот Христијан Мицкоски вели дека пензиите за време на двегодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ се зголемени за 325 проценти. Тој денеска при посетата на Прилеп, одговарајќи на новинарско прашање рече дека направил споредба во зголемувањето на старосната пензија на корисниците во периодот од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од СДСМ и ДУИ.
„Во овие две години оваа Влада успеала просечно месечно да ги зголеми пензиите за 296 денари, додека претходната Влада за 83 месеци успеала да ги зголеми за 91 денар. Ова значи дека ние сме ги зголемиле пензии за 3,25 пати повеќе отколку во времето на владата на СДСМ и ДУИ или тоа е математички прецизно 325 проценти“, рече Мицкоски кој беше на увид на градежните активности за реконструкција на водовод на улицата Кузман Јосифовски и изградбата на кружниот тек кај мостот „Табана“ во Прилеп.
Премиерот направи споредба и за тоа колку биле зголемени пензиите во првите две години од власта на СДСМ и двете години власт на оваа Влада.
„Од јуни 2017 до јуни 2019 пензиите се зголемени за 540 денари. Во овие 25-26 месеци од оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, просечната старосна пензија се зголемила за нешто повеќе од 6.800 денари. Или математички прецизно, тоа е повеќе од 12,5 пати“, рече Мицкоски.



