МАТЕРИЈАЛНАТА ШТЕТА ОД ПРОСЛАВАТА НА „ШВЕРЦЕРИ“ ВО МНТ Е 4 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ДУХОВНАТА ШТЕТА Е ПОГОЛЕМА, РЕЧЕ ЗАЕВ

    МАТЕРИЈАЛНАТА ШТЕТА ОД ПРОСЛАВАТА НА „ШВЕРЦЕРИ“ ВО МНТ Е 4 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ДУХОВНАТА ШТЕТА Е ПОГОЛЕМА, РЕЧЕ ЗАЕВОд официјалното видео од прославата на кое беше објавено на Јутјуб, се гледа дека навивачите бурно скандираат качени на столиците со удирање по инвентарот во салонот на МНТ. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Речиси 4 илјади евра е штетата од прославата на навивачката група „Шверцери“ на фудбалскиот клуб Шкупи што се одржа во петокот на Денот на албанската азбука во Македонскиот народен театар (МНТ). Од официјалното видео од прославата кое беше објавено на Јутјуб, се гледа дека навивачите бурно скандираат качени на столиците со удирање по инвентарот во салонот на МНТ.

    „Прославата беше во организација на Владата, и ми беше кажано дека ќе има два настана. За првиот официјален дел, свечената академија, на кој присуствуваше и премиерот Зоран Заев, бев во координација со портпаролот на Владата Мухамед Хоџа. За вториот настан, координатор беше Артан Груби и тој ми кажа дека ќе има само проекција на документарен филм“, изјави неодамна директорката на МНТ, Симона Угриновска.

    Премиерот Зоран Заев, денеска одговорајќи на прашање на пратеничката Магдалена Манаскова, кажа дека работната група за утврдување на одговорноста веќе направила записник, но тој не стигнал да го види.

    „Откорнати тапацири на потпирачи на 5 столици во вкупна вредност од 125 евра, откорнати ногарки на столици од лежиште во вредност од 3 илјади, откорнати парапети на галериите од 10 метри и од 2 метри, во вредност од 240 евра, искршени орнаменти во вредност од 200 евра, искршени 5 подни светилки и дупки на теписон од цигари. Вкупната штета е 3.965 евра. Откако ќе се утврди одговорноста, тогаш оваа материјална штета ќе се надомести, но поголема е онаа духовната што е нанесена. Националниот театар е отворен за сите и сите треба да го користат, но се знае под какви услови. Од тоа треба да произлезе и одговорноста што ќе биде објавено кога ќе се утврди“, рече премиерот.

    Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, од чии редови доаѓа пратеникот Артан Груби, денеска рече дека нема ништо спорно што „Шверцери“ прославувале јубилеј 30 години постоење во МНТ.

    „Што се однесува до материјалната штета на театарот, тоа е друго прашање што ќе го процени Министерството за култура, но не мислам дека луѓето отишле таму за да предизвикаат штета или вандализам. Во многу цивилизирани земји како Германија, Велика Британија и низ целиот свет, навивачите на разни спортски клубови ваквите манифестации за одбележување на деновите на нивното основање ги одржуваат во националните театри“, рече Ахмети.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари