Приватните лекари имаат најмногу проблеми со „Мој термин“ за да обезбедат прием за пациентите на ехо на простата и ехо на дојка, е искуството кои тие го имаат изминатите 20-тина дена од септември, откако повторно почна да функционира оваа услуга.
„Имаме поголема побарувачка за термини отколку што е понудата од страна на докторите. Кога ќе пуштат слободен термин интернистите, за кратко време тој се пополнува. Проблематично е со ехо на простата, ехо на дојка. На пациентите кои имале патолошки наоди или имаат проблеми, многу им значи навреме да се изврши прегледот, да имаат термини. Слично е и со психијатарите, за кои тешко се наоѓа термин“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.
По шест месеци пауза поради коронакризата, од 17 август почна закажувањето прегледи и интервенции во електронскиот систем. Министерот за здравство Венко Филипче на 3 септември кажа дека прегледите и интервенциите од „Мој термин“ ќе бидат достапни и за лицата на кои им беа одложени интервенциите поради ковид-19 и на новите пациенти. Термините ќе им се закажуваат согласно листата на чекање кај соодветен доктор и како што биле одложувани интервенциите, таква ќе биде и динамиката.
Најголеми се листите за чекање кај специјалистите уролози, кај кардиолозите, кај радиолошките испитувања и кај ортопедските болести.
„Веќе се направени списоци, пред сè во институциите каде што се собирани повеќе пациенти, со хронични заболувања, каде се одложуваа интервенциите и еден дел од капацитетите ќе им биде посветен на нив, согласно листата на чекање кај соодветниот доктор. Тој ќе има обврска да направи еден дел за интервенциите само за овие пациенти, друг дел за новите“, рече Филипче.
На прес-конференцијата во вторникот прашан за тоа дека лицата со хронични болести реагираат дека електронскиот систем „Мој термин“ е преблокиран и не можат да добијат термин за преглед кај специјалисти за да добијат потврда, Филипче кажа:
„Системот на ‘Мој термин’ никогаш не беше блокиран. Имаше малку термини на Клиниката за пулмологија, но и тие беа доволни. Повторувам дека не се враќаат на работа сите хронично болни, туку не оние кои ќе донесат потврда од лекар специјалист за следните 6 месеци“.
Од Институтот за радиологија, кој матичните лекари го посочуваат како тесно грло добивме информација дека директорот д-р Даниел Ѓурчинов е на пат, но ветија одговор до крајот на неделава.
Директорот на Клиниката за урологија д-р Сашо Дохчев дека е очекувано поради рестрикцијата да има зголемен број пациенти, но клиниката работи со полн капацитет.
„Чекањето е неколку месеци освен за оние пациенти кои ќе процениме дека се итни (пред сѐ малигните заболувања) кои ги оперираме во најкус можен рок“, ни рече д-р Дохчев.
Тој вели дека и за време на рестрикциите поради пандемијата клиниката работела скоро нормално. Во периодот од 10 март до 20 август се направени 617 прегледи во амбуланта и 320 операции, од кои 224 биле малигни, 4 кадаверични и една трансплантација од жив донор, а вкупно биле хоспитализирани 511 пациенти. „Дури изработени се и 5 трансплантации“, вели директорот на Урологија д-р Дохчев.
Немаме податок колкав бил бројот на интервенции и хоспитализирани пациенти во истиот период минатите години.
Д-р Дохчев уверува дека ниту еден пациент кој мора да биде итно опериран нема да биде вратен.
- ПРОЦЕНТОТ НА БОЛНИ ОД КАРЦИНОМИ Е ИСТ КАКО ЛАНИ, ИАКО ИМАВМЕ ПОМАЛКУ ПРЕГЛЕДИ ПОРАДИ КОРОНАКРИЗАТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ГАСТРО, Д-Р ГРИВЧЕВА-СТАРДЕЛОВА
- СЕКОЈ ДОКТОР ЌЕ ОПРЕДЕЛИ ПО ЕДЕН ДЕЛ ОД „МОЈ ТЕРМИН“ И ЗА НОВИ И ЗА ПАЦИЕНТИ НА КОИ ИМ БЕА ОТКАЖАНИ ПРЕГЛЕДИТЕ, КАЖА ФИЛИПЧЕ
- ЗАСТОЈОТ НА ПРЕГЛЕДИ ПОРАДИ КОВИД-19 ЌЕ ДОНЕСЕ ПОВЕЌЕ БОЛНИ СО КАРЦИНОМИ НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО И НА ЖЕЛУДНИК, ВЕЛИ Д-Р ЈУСУФ ВЕЈСЕЛИ ОД БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“
Б. НЕСТОРОСКА – П. ПЕЧКОВ