МАТУРАНТИТЕ КОИ САКААТ ДА СТУДИРААТ ВО СТРАНСТВО ЌЕ ГИ ПРОБИЈАТ РОКОВИТЕ ПОРАДИ ШТРАЈКОТ, ПРЕДУПРЕДУВА СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИ

    МАТУРАНТИТЕ КОИ САКААТ ДА СТУДИРААТ ВО СТРАНСТВО ЌЕ ГИ ПРОБИЈАТ РОКОВИТЕ ПОРАДИ ШТРАЈКОТ, ПРЕДУПРЕДУВА СОЈУЗОТ НА СРЕДНОШКОЛЦИШтрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) утре влегува во деветтиот ден. (Фото: СКД.МК)

    Сојузот на средношколци апелира за брзо решавање на прашањето меѓу Владата и СОНК преку интензивирање на преговорите за претстојниот период и бара да биде вклучен во наоѓањето на решенија за надоместување на пропуштениот материјал.

    Штрајкот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) утре влегува во деветтиот ден, што значи дека учениците веќе имаат пропуштено цели две работни недели од редовниот образовен процес, велат од Сојузот на средношколци и предупредуваат дека тоа особено е проблематично за матурантите бидејќи кај многумина од нив има голема шанса да се пробијат државните рокови, кои пак негативно ќе им се одразат на амбициозните матуранти кои сакаат да студираат во странство.

    „На пример, рокот за полагање на проектната задача истекува на 21 април. Затоа потребно е итно решавање на проблемот“, велат од Сојузот на средношколци.

    Тие потсетуваат дека веќе изгубија цела учебна година со неквалитетна онлајн настава, а дополнително пак и други две недели со продолжувањето на зимскиот распуст.

    „Со ваквата поставеност на работите, средношколците веќе три години се вон нормалниот образовен процес“, велат од Сојузот на средношколци.

    Претходно денеска, претседателот на СОНК Јаким Неделков кажа дека штрајкот нема да прекине и во наредните денови наставниците и вработените во градинките нема да работат. Тој рече дека ги разгледале заклучоците од вчерашната владина седница и одлучиле да продолжат со штрајк додека не им се исполнат барањата. Владата му нуди на СОНК покачување на платите од 1о отсто и нова методологија за раст на платите во иднина.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира