МЕДИЦИНСКИ КЛОВНОВИ ПРЕКУ ИГРА ЌЕ ГО НАМАЛУВААТ СТРЕСОТ И ЌЕ ИМ БИДАТ ПОДДРШКА НА ТЕШКО БОЛНИТЕ ДЕЦА

    МЕДИЦИНСКИ КЛОВНОВИ ПРЕКУ ИГРА ЌЕ ГО НАМАЛУВААТ СТРЕСОТ И ЌЕ ИМ БИДАТ ПОДДРШКА НА ТЕШКО БОЛНИТЕ ДЕЦА„Психолошката поддршка ќе ја дадеме за секој тип лекување, за секој тип дијагноза, таму каде е потребно заради тоа што е докажано дека преку смеата, биолошки процеси со лачење ендорфин многу полесно се надминуваат овие тешки здравствени состојби“, кажа Филипче (Фото: МИА)

    Медицински кловнови, или специјално обучени лица, ќе им помагаат психолошки на најтешко болните деца, кои се лекуваат на Клиниката за детски болести полесно да го поднесат лекувањето. Тие преку игра ќе го намалат стресот, анксиозноста, стравот од доктори, стравот од боцкање кај децата и ќе им помогнат полесно да го поминат периодот кога примаат тешки терапии. Освен децата и другите пациенти кои се лекуваат на скопските клиники ќе добијат ваква психолошка поддршка.

    Медицинските кловнови се обучени за психологија, социјална работа, нега и театар. Работат со медицински професионалци во неколку области и специфични популации, како деца, возрасни, жртви на сексуална злоупотреба, хронични болести.

    На 26 медицински кловнови денес министерот за здравство Венко Филипче им додели сертификати за завршена обука, која ја поминаа со помош на тренерите Ноам Инбар и Ротем Голденберг од невладина организација „Дрим докторс“ од Израел. Обуката се реализираше преку Проект Хоуп, Израелската Амбасада, Министерството за надворешни работи на Израел и Министерството за здравство.

    Емилија Дуковски, регионален менаџер за развој и финансии во „Проект Хоуп“, рече дека психолошката состојба е многу значајна за луѓе, кои подолго време престојуваат во болница без оглед дали се деца или возрасни.

    „Досега многу помалку внимание посветувавме на тој момент. Се надевам дека ова е прв чекор во подобрување на психолошката состојба на пациентите. Проектот во Израел се спроведува од 2002 година, кога почна со тројца медицински кловнови. Сега имаме повеќе од 130 кловнови кои се редовно вработени во болниците во Израел и неколку пати работат со пациентот“, рече Дуковски.

    Филипче рече дека оваа програма функционира секаде во светот и дека се покажала исклучително успешна во лекување на пациентите.

    „Има тука повеќе вработени медицински работници, сестри, техничари од повеќе клиники. Пред сè ова се однесува на тешко болните дечиња, возрасни и жртви на сексуално насилство. Ова е само почеток. Се надевам ќе прерасне во еден сериозен проект. Психолошката поддршка ќе ја дадеме за секој тип лекување, за секој тип дијагноза, таму каде е потребно заради тоа што е докажано дека преку смеата, биолошки процеси со лачење ендорфин многу полесно се надминуваат овие тешки здравствени состојби“, кажа Филипче.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира