Мерката притвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков му е одредена за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Тврдина-Таргет“, каде што тој е главен обвинет за нелегално прислушување на илјадници граѓани на Република Македонија, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Специјалното јавно обвинителство.
Засега обвинителот од СЈО не бара притвор за Мијалков за најновиот предмет „Империја“, каде што еден од 12-те осомничени е и тој. За тој предмет во притвор се неговиот кумашин Орце Камчев, газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески и уште тројца блиски соработници. Но, не е исклучено да се бара следните месеци мерка притвор и за Мијалков и за оваа истрага на СЈО.
Сашо Мијалков вечерва беше уапсен во неговиот хотел „Мериот“ во центарот на Скопје, на барање на Специјалното јавно обвинителство поради опасност од бегство и однесен во затворот Шутка.
Двајца од неговите соработници во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се обвинети во истиот случај „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување што доведе до најголемата политичка криза во независна Македонија веќе се избегани и побараа политички азил во Грција. Тамошниот Врховен суд донесе одлука тие да не бидат екстрадирани во Македонија, повикувајќи се на аболицијата на претседателот Иванов.
Мијалков покрај во „Тврдина-Таргет“ е обвинет и во предметите на СЈО, „Трезор“, „Тортура“ и „Титаник 2“.
Притворот на Мијалков е одобрен од судот неколку часа откако осудениот експремиер Никола Груевски се пофали на Фејсбук дека добил политички азил во Унгарија откако минатиот викенд избега од земјава преку Албанија и побара дипломатска помош од Унгарија.
По бегството на Груевски, на 14 ноември беа притворени и поранешниот министер Миле Јанакиески и бившиот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. И тие беа притворени на барање на СЈО поради опасност од бегство.
С. К. ДЕЛЕВСКА