МИЈАЛКОВ И КАМЧЕВ ПРЕФРЛАЛЕ ПАРИ ОД СМЕТКИ И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА ЗА ТРАНСАКЦИИ НА ОСОМНИЧЕНИ ВО „ИМПЕРИЈА“

    МИЈАЛКОВ И КАМЧЕВ ПРЕФРЛАЛЕ ПАРИ ОД СМЕТКИ И ПОКРАЈ ЗАБРАНАТА ЗА ТРАНСАКЦИИ НА ОСОМНИЧЕНИ ВО „ИМПЕРИЈА“Притворениот од синоќа Сашо Мијалков со кумашинот Орце Камчев, кој е во притвор од 10 ноември за предметот на СЈО „Империја“. (архивска фотографија/Ѓ. Личовски)

    Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев, осомничени во најновата истрага на СЈО „Империја“ и покрај забраната за трансакции од сметките на 13-темина осомничени, двајцата сепак префрлале извесни суми пари, според извори од истрагата. Засега е непознато дали го правеле тоа од сметки на компаниите со замрзнат имот или од лични сметки.

    Камчев е во притвор од 10 ноември за „Империја“, додека Мијалков беше притворен синоќа за „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување, поради опасност од бегство.

    Во решението за притвор за Мијалков стоело како причина за опасност од бегство дека на сметката на правно лице зад кое стоел тој имало 8 милиони евра, а на физичко зад кое исто така бил тој имало 3 милиони евра. Состојба, која вели одбраната, ја знаело СЈО и претходно.

    Истрагата „Империја“ е за кривичните дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. Покрај Камчев и Мијалков, осомничени се уште 11 други лица, од кои петмина се во притвор, вклучувајќи ги Камчев и газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески.

    На барање на СЈО, судот на 12 ноември донесе решенија за определување на привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица „Орка холдинг“ и „Ексико“ и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица „Ексико“ и „Тимох“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира