МИЈАЛКОВ ПРВПАТ ИЗЛЕЗЕ ОД ШУТКА ЗА СУДЕЊЕТО ЗА НАБАВКА НА ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ

    МИЈАЛКОВ ПРВПАТ ИЗЛЕЗЕ ОД ШУТКА ЗА СУДЕЊЕТО ЗА НАБАВКА НА ОПРЕМА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕПокрај Сашо Мијалков, во „Трезор“ обвинети се уште избеганиот во Грција Горан Грујевски, Тони Трајковски и Небојша Стајковиќ за незаконско прибавување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема. - Мијалков со адвокатите на денешното судење за „Трезор“ (Фото: К. Попов)

    Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков утринава првпат излезе од ќелијата во затворот во Шутка, од 20 ноември кога беше притворен за „Тврдина-Таргет“, за да присуствува на денешното рочиште за „Трезор“ на СЈО, за незаконската набавка на прислушна опрема од Британија.

    Мијалков, Горан Грујевски, Тони Трајковски и Небојша Стајковиќ во „Трезор“ се обвинети за незаконско прибавување на 820 илјади евра преку набавка на електронска комуникациска опрема.

    Парите од МВР, односно од државниот Буџет, легнале на сметката на фирмата „Финзи“, чиј сопственик Коста Крпач беше најден застрелан уште во април 2016, за време на предистражната постапка за незаконски присвоените 820.000 евра преку неговата фирма.

    Крпач, во времето кога бил застрелан, бил сведок на Специјалното јавно обвинителство. Претходно, пред да биде најден мртов, него го помилува претседателот Иванов.

    На судењето за „Трезор“, во јуни 2018 година беа пуштени четири прислушувани разговори во врска со нелегалната нававка.

    Во разговор меѓу ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески за набавката на софтвер за прислушна опрема во УБК, таа потврдува дека фирмата која го добила тендерот е „Финзи“, на Коста Крпач.

    Се слушна како Зоран Ставрески во врска со планираната набавка критикува: „Јас во финансии работам и пари нема во буџетот“. Во таа набавка „Финзи“ заработила незаконски 800.000 евра државни пари.

    На 9 март 2011 година обвинетиот Сашо Мијалков во разговор со брат му Влатко Мијалков кој раководеше со Царина, го информира дека на аеродром е стигната опрема за УБК.

    „Дај нека не ‘рчкаат таму“, му вели Сашо на Влатко. „Ама, системот ја става“.

    „Јави им се таму да не ја ставаат. На аеродром е. Тоа е за УБК. За нас è“, му вели Сашо на братот.

    „Не ја отворајте, директно кај нас носете ја. Пиши ‘Финзи’ и готово“, му вели тој подоцна.

    Во последниот разговор со лицето Саша Глишиќ (од Царина, н. з.), Влатко Мијалков му кажува:

    „Има една фирма се вика ‘Финзи’. Тоа е за специјална опрема за МВР. Високо софистицирана опрема е, кажи им да не отвораат таму. Кажи им да не пипкаат, сензибилна е работава. Директно во УБК да ја носат“.

    Денеска обвинителот од СЈО Артан Ајро чита материјални докази, документи и цедиња со сметки, фактури, банкарски извештаи, што ги поднеле со колегата Трајче Пеливанов да го докажат обвинението.

    За овој случај СЈО предлага 20-тина сведоци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира