МИНИСТЕРКАТА АНГЕЛОВСКА И ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР КОП ДОГОВАРАА СОРАБОТКА ВОЗЕЈЌИ ВЕЛОСИПЕД

    МИНИСТЕРКАТА АНГЕЛОВСКА И ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР КОП ДОГОВАРАА СОРАБОТКА ВОЗЕЈЌИ ВЕЛОСИПЕДМинистерката за финансии Нина Ангеловска и амбасадорот Дирк Јан Коп се сретнаа на Плоштадот Македонија и возеа до Градски парк. (Фото: К. Попов)

    Министерката за финансии Нина Ангеловска и новиот холандски амбасадор Дирк Јан Kоп, кој на должност стапи во почетокот на месецов, денеска првата работна средба ја одржаа возејќи велосипед. Ангеловска и Коп се сретнаа на Плоштадот Македонија и возеа до Градски парк.

    „Возењето велосипед е одличен начин за средба. Ми беше задоволство да разговарам со министерката за финансии Нина Ангеловска за македонско-холандската долготрајна соработка. Подобрување на потрошувачката ефикасност и структурните реформи се клучни за фискална одржливост. Нашата ионака блиска соработка и натаму ќе се интензивира“, рече амбасадорот Коп, кој и во своето прво официјално обраќање по доаѓањето во Македонија ја спомена како приоритет економската соработка и развивањето бизнис можности за доаѓање холандски фирми во земјава.

    Холандија е еден од најголемите билатерални донатори од земјите-членки на ЕУ, традиционален партнер и принципиелен поддржувач на македонските заложби за членство во ЕУ и НАТО, како и прв инвеститор во Македонија и важен трговски партнер на земјата. Во последните 25 години, Холандија има инвестирано преку 250 милиони евра како поддршка за македонските институции, приватниот сектор, граѓанското општество, медиумите, културата и образованието. На годишно ниво околу 30.000 холандски туристи го поминуваат својот летен одмор во Македонија, а тука се регистрирани и над 180 холандски компании.

    Холандското МНР на 9 октомври соопшти дека Холандија сака Северна Македонија и Албанија да бидат одделно третирани по прашањето дали да се отворат пристапни преговори со Европската унија, одлука која треба да биде донесена на 15 октомври на Советот на министри, а потврдена на состанокот на Европскиот совет на 18 октомври.

    „Земјите кандидатки мора да ги исполнат строгите критериуми пред да се направи следниот чекор во процесот на интеграција. Во јуни 2018, Советот постави неколку критериуми да бидат исполнети од Северна Македонија пред да бидат отворени преговорите. Направениот напредок е охрабрувачки. Договорот од Преспа, исто така, е пример за регионот. Продолжувањето на случаите на СЈО е осигурано со нивното предавање кај Јавниот обвинител. Сѐ уште треба да се направи важен чекор со усвојувањето на закон со кој ќе се гарантира независно гонење на идните случаи на висока корупција“, се вели во соопштението на холандското МНР по дебатата во Комитетот за европски прашања на холандскиот парламент.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира