Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини донесе решение за привремена заштита на делот од Шар Планина за кој се води постапка за прогласување за заштитено подрачје во категорија II – национален парк. Ваквото решение е донесено согласно Законот за заштита на природата.
„Привремената заштита на подрачјето на кое се однесува решението се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи дел од Шар Планина за национален парк. Предлог-законот е одоборен од страна на Владата и во најскоро време се очекува да започне собраниската постапка за негово усвојување“, велат од кабинетот на министерот Нуредини.
Со усвојување на законот, земјава ќе го добие првиот национален парк од прогласувањето на независноста, со што вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2 % од севкупната територија.
А. АНТЕВСКА