МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ПОВИКА И ДРУГИТЕ ОПШТИНИ, КАКО КАРПОШ ДА ОРГАНИЗИРААТ ЕЛЕКТРОНСКА НАСТАВА

    МИНИСТЕРОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ПОВИКА И ДРУГИТЕ ОПШТИНИ, КАКО КАРПОШ ДА ОРГАНИЗИРААТ ЕЛЕКТРОНСКА НАСТАВАГрадоначалниот на Општина Карпош Стефан Богоев рече дека од вчера е започната електронска настава во десет основни училишта. - Богоев на денешната прес-конференција со министерот за образование Арбер Адеми во Владата

    Министерот за образование Арбер Адеми ги повика сите средни училишта, факултетите и институтите да се обидат да воведат онлајн настава, во период кога сите воспитно-образовни инстуции во земјава се затворени поради ширењето на коронавирусот. Адеми кажа дека некои средни училишта и универзитети веќе од неделава почнале со е-настава, а пак на трите канали на Македонската радиотелевизија (МРТ) од понеделникот почна да се емитува ТВ-училница за ученииците од основното образование, како и едукативни емисии и приказни за децата од претшколска возраст.

    Мерката од прекин на наставата од 14 дена треба да заврши на 24 март, но министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека ситуацијата се следи, со оглед на тоа дека расте бројот на заболени од КОВИД-19 во земјава и дополнително ќе известат дали ќе се продолжи.

    „Веднаш по одлуката за прекин на наставата, пристапивме кон нов план за децата пасивно да не го минуваат времето. Објавивме бесплатни апликации, дигитални алатки. Морам да ја пофалам заложбата на дел од општините, особено на Општина Карпош. Тие иницираа дигитална платформа која обезбедува двонасочна комуникција меѓу наставниците и учениците и апелирам до другите општини да го следат нивниот пример“, изјави Адеми на прес-конференција.

    Градоначалниот на Општина Карпош Стефан Богоев рече дека од вчера е започната електронска настава во десет основни училишта. Преку Гугл драјв наставниците прикачуваат содржини по осум предмети за ученици од 9. одделение, исто како и пауер-поинт презентации и квизови.

    „Учебната година не може да продолжи по учебниците, но наставата можеме да ја прилагодиме на новото време. Седете дома и учете по електронски пат. Ова не е распуст, сите сме одговорни за сопственото и за јавното здравје“, рече Богоев.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира