МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ОДОБРИ 37 ВРАБОТУВАЊА ЗА НАСТАВНИЦИ ПО ФИЗИЧКО ВО ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ОДОБРИ 37 ВРАБОТУВАЊА ЗА НАСТАВНИЦИ ПО ФИЗИЧКО ВО ПРВО ОДДЕЛЕНИЕМинистерството за образование допрва ќе излезе со податоци уште колку нови вработувања ќе бидат потребни за наставата по физичко во основното образование. Од годинава, тандем наставници по физичко ќе има во прво одделение, следната во прво и второ, потоа второ и трето и за пет години да се заокружи реформата. (Фото. К. Попов)

    Министерството за образование сѐ уште ги собира податоците за тоа каде и во кои училишта ќе треба вработување на дополнителни наставници за часовите по физичко образование, досега се обезбедни 37 согласности за нови вработувања. Со новиот Закон за основно образование кој беше изгласан на крајот на јули, предвидено е од оваа учебна година часовите по физичко образование од прво до петто одделение, покрај одделенски наставник да ги води и професор по физичко образование.

    „За изведување на наставата по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение се вклучува и наставник по физичко и здравствено образование“, стои во член 54, став 4.

    Учебната година во многу од училиштата почна без дополнителни наставници по физичко, и дел од родителите реагираа дека нема наставник и зошто мерката важи само за првачињата, а не ги опфаќа учениците кои го почнаа второто, третото, четвртото и петтото одделение.

    Министерот за образование Арбер Адеми минатиот месец, по реакцијата на родителите и училиштата, кажа дека мерката ќе се спроведува сукцесивно и дека тој ги потпишал согласностите за сите училишта кои тоа го побарале, и дека ги обезбедиле потребните согласности од Министерството за образование. Тој тогаш рече дека годинава тандем наставници по физичко ќе има во прво одделение, следната во прво и второ, потоа второ и трето и за пет години да се заокружи реформата.

    Од Министерството за образование и наука велат дека пред да ја креираат реформата пресметале оти се потребни 224 наставници по физичко за да се реализира наставата во прво одделение, според бројот на паралелки и според бројот на наставни часови.

    „Тоа не значи дека толку нови лица ќе се вработат. Има наставници со неполн фонд на часови и најпрвин тие се обезбедуваат со полн фонд, односно им се нудат овие часови по физичко образование. Во меѓувреме, обезбедени се 37 согласности за ангажман на наставници по физичко и процесот на целосно задоволување на потребите од кадровски аспект, со цел непречена реализација и имплементација на реформата, продолжува и во периодот што следи“, велат од Министерството за образование, и додаваат дека наскоро ќе ги имаат податоците од цела земја уште колку нови вработувања се потребни.

    Потребата од воведување втор наставник по физичко уште од рана возраст, според професорите по физичко и спортските работници, е затоа што во средните училишта доаѓаат ученици кои немаат координација и не можат да прават поголеми спортски активности, што покажало дека на часовите не се работи како што треба.

    На прашањето до Министерство за образование зошто тандем наставници не се воведе и за останатите ученици, а не само во прво одделение, од Министерство за образование велат дека се работи за крупна реформа, која предизвикува финансиски импликаци и неопходно е етапно воведување на промените.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира