МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО Е ПРОТИВ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПУШЕЊЕТО

    МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО Е ПРОТИВ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ПУШЕЊЕТО„Пушењето е личен избор, но пасивното пушење не е“, вели Министерството за здравство, кое кажа дека не може да поддржи политики, кои го загрозуваат здравјето на луѓето - Плакат со содржина против пушењето. (Фото:ЕПА)

    Министерството за здравство се вклучи во дискусијата на социјалните мрежи за измени на Законот за заштита од пушењето, кои до Собранието во јули ги поднесе група пратеници. Во објава на твитер Министерството за здравство вели дека мора да се води сметка за здравјето на луѓето, а штетните последици од пушењето се познат ризик фактор за здравјето.

    „Според тоа Министерството за здравство не може да промовира либерализација и да поддржува политики, кои се штетни за здравјето на луѓето. Пушењето е личен избор, но пасивното пушење не е“, вели Министерството за здравство во објавата на твитер.

    На социјалните мрежи се разви жестока дискусија„за“ и „против“ предложените измени и дополнувања на законот против пушење, со кои се предлага да се дозволи пушење на терасите на угостителските објекти, без оглед дали терасите се отворени или затворени.
    Овие предлог измени и дополнувања во Собранието ги поднесоа пратениците: Томислав Тунтев, Јован Митрески, Петре Шилегов од СДСМ, независната пратеничка Ивана Туфегџиќ, и Мирсада Емини-Асани и Шпреса Хадри од ДУИ.

    Собранието го усвои барањето на оваа група пратеници измените и дополнувањата на Законот да се носат во скратена постапка, а собраниската комисија за здравство треба да организира јавна расправа пред да се најде овој предлог на пленарна седница. Собранието поради локалните избори не работи, а минатата недела Владата, до која беше пратен предлогот за измени и дополнувања за мислење, го врати законот назад во Собрание без да заземе став. Сега од Владата велат дека во прв план ќе биде заштитата на здравјето на населението.

    “Владата смета дека станува збор за важно прашање, кое ги засега сите чинители во Македонија, почнувајќи од граѓаните на земјава, и непушачите и пушачите, потоа потрошувачите, угостителите, земјоделците и други. За Владата во прв план ќе биде заштитата на здравјето на населението и тоа е приоритет. Владата нема да носи одлуки, кои немаат широк граѓански консензус и кој ќе обезбеди суштинска јавна дебата за регулацијата на пушењето, за да се слушне мислењето на сите засегнати страни“, велат од Владата.

    Во моментов на сила е постојното законско решение.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира