Министерството за здравство ѝ ја одзеде дозволата за работа на приватната болница „Санте Плус гроуп“ за случајот со смртта на родилката од Кичево, која почина во оваа здравствена установа минатиот месец при изведување царски рез.
Од Министерството велат дека не го коментираат наодот од обдукцијата, бидејќи тој е предаден на Основното јавно обвинителство, кое отвори истрага за овој случај.
„По извршениот вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и извештајот за извршен стручен надзор над работата на приватната здравствена установа ’Санте плус гроуп‘, утврдени се неправилности во работата на болницата во однос на кадар и опрема. По овие наоди донесеовме решение да ѝ се одземе дозволата за работа на ПЗУ ’Санте Плус гроуп“, велат од Министерството за здравство.
Родилка, на возраст од 31 година од Кичево, почина минатиот месец при породување со царски рез во болницата „Санте плус“, при вовед во анестезија, односно при ставање на тубусот и се затвориле дишните патишта и останала без кислород. Докторите се обидувале да ја реанимираат, но безуспешно. Бебето по породувањето е пренесено на Клиниката за детски болести, бидејќи одреден период останало без кислород. На пат кон Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) пациентката починала.
При вонредниот надзор што Државниот санитарен и здравствен инспекторат го спроведе на 23-ти минатиот месец, поради утврдени неправилности донесе решение за времена забрана за работа на болницата.
Анестезиологот од КАРИЛ, кој без дозвола од Клиниката учествувал во царскиот рез на родилката во приватната болница, доби отказ.