За реновирање и доградба на општата болница во Гостивар Министерството за здравство планира да потроши 733 милиони денари или околу 12 милиони евра. Овој градежен зафат, како што велат од Министерството за здравство, ќе трае три години, односно од 2018 до 2020 годна.
„Средства за изградба и реконструкција на општата болница во Гостивар се озбедени од буџетот на Република Македонија. Од предвидените 120 милиони денари за реконструкција на јавни здравствени установи во земјава за 2018 година во Програмата 1А, за болницата во Гостивар предвидени се 50 милиони денари. Оваа сума е за првата година предвидена за реконструкција и доградба на болницата. Очекуваме целосната инвестиција за целиот проектот да биде околу 733 милиони денари, а точната сума ќе се дефинира по изработка на проектната документација“, велат од Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство велат дека со проектот е предвидено да се изврши доградба, реконструкција и адаптација на болницата.
„Со доградбата е предвидено да се зголеми сегашната површина за приближно нови 6.000 метри квадратни. При тоа комплетно ќе се обнови и адаптира постоечкиот објект. Во болницата ќе ги имплементираме сите современи барања за болнички објекти, како од аспект на функција така и од аспект на технологија“, велат од Министерството за здравство.