Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас очекуваат дека посредникот Метју Нимиц на 17 јануари ќе стави иницијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминување на разликата околу името.
На денешната средба во Солун, како што соопштија од Министерството за надворешни работи, двајцата министри имале добар разговор, фокусиран на унапредувањето на билатералните односи и соработката во поширок контекст, поврзано со тековните мерки за градење доверба.
„Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас разговараа за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликата околу името, и се сложија да имаат подиректна улога во разговорите со цел надминување на разликата околу името“, се вели во соопштението на МНР од средбата.