МИНИСТРИТЕ КОИ ОСТАНУВААТ И ВО НОВАТА ВЛАДА ИМААТ ДОБРИ ПЕРФОРМАНСИ ВО ДОСЕГАШНАТА РАБОТА, РЕЧЕ МАНДАТАРОТ КОВАЧЕВСКИ

    МИНИСТРИТЕ КОИ ОСТАНУВААТ И ВО НОВАТА ВЛАДА ИМААТ ДОБРИ ПЕРФОРМАНСИ ВО ДОСЕГАШНАТА РАБОТА, РЕЧЕ МАНДАТАРОТ КОВАЧЕВСКИКовачевски денеска ги достави имињата на новата влада до Собранието. (Фото: К. Попов)

    Мандатарот Димитар Ковачевски денеска го достави составот на новата влада до претседателот на Собранието Талат Џафери. Сега спикерот Џафери ja закажa седницата за гласење на новиот премиер и министри на 15 јануари, сабота. Според собранискиот Деловник, расправата за избор на новата влада трае најмногу два дена, а треба да се гласа најдоцна до 24 часот в недела.

    Ковачевски кажа дека до Собранието и пратениците ја доставил програмата на новата влада на која главни приоритети ќе и бидат справување со економската криза, задржување на животниот стандард на граѓаните како и реализирање на големите инфраструктурни проекти.

    Одговарајќи на новинарско прашање зошто се одлучил да задржи дел од старите министри, Ковачевски кажа дека тие покажале добри перформанси во досегашното работење.

    „Јас реков дека ќе се водам според перформансите кои ги имале досега министрите, затоа имаме нови имиња, имаме ротации и задружување на министерските места. Оние кои ротираа во друг ресор се покажаа како ефикасни министри досега. За министрите кои ги задржаа позициите, анализите покажаа дека се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде управувале, се гледа дека ги имаат зголемено стандардите во работењето и ги реализирале капиталните и оперативните инвестиции на ниво на планот кој го имале за 2021 година“, кажа Ковачевски.

    Во новиот владин состав министерските места ги задржуваат Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи, Благој Бочварски во Министерството за траснпорт и врски, како и Фатмир Битиќи кој останува вицепремиер за економски прашања. Досегашниот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски останува во Владата како министер за земјоделие, а Бојан Маричиќ станува вицепремиер за евроинтегреции. Нов министер за правда ќе биде професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Никола Тупанчевски, а за одбрана Славјанка Петровска.

    Поранешната пратеничка од СДСМ Славица Грковска доаѓа на вицепремиерското место за борба против корупција, а актуелната пратеничка Бисера Костадиновска-Стојчевска од Битола е предложена за нова министерка за култура. Нов министер за образование ќе биде Јетон Шаќири, досегашниот министер за информатичко општество и администрација.

    Уште три нови имиња влегуваат во Владата, а тоа се на местата на Алтернатива. За здравство ќе биде Беким Сали, за информатичко општество  Адмирин Алити и Џемаил Чупи без ресор, за дијаспората.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира