Мисиите на ЕУ и ОБСЕ и канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава нема да организираат и одржуваат настани во хотели кои немаат целосен пристап за лица со попреченост. Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс на социјалните мрежи објави дека за ова се договориле заедно со евроамбасдорот Самуел Жбогар и шефот на мисијата на ОБСЕ Клеменс Која.
„Ќе ги информираме хотелите за ова со барање пристапот да биде проширен“, вели Перкс во објавата.
Од Канцеларијата на УНИЦЕФ велат дека, всушност, идејата е при изборот на хотели каде ќе ги организираат настаните објектот да има целосен пристап за лица со попреченост, не само надворешно со пристапни рампи, туку и внатре.
Перкс за САКАМДАКАЖАМ. МК изјави дека се надева оти оваа оваа иницијатива ќе поттикне промена.
„Не може да има правично општество ако сите луѓе не се вклучени, а луѓето со попреченост не може да бидат вклучени ако околината не се промени, за да го поддржи нивното учество. Заедничката иницијатива на ЕУ, ОБСЕ и ОН при организирањето настани да им се даде приоритет на хотели кои се целосно пристапни е иницијатива која има за цел на лицата со попреченост да им се овозможи да земат учество и да придонесат кон работата која ние ја поддржуваме на достоинствен начин. Како мултинационални агенции, секоја година поддржуваме значителен број настани. Гледаме дека некои хотели и места прават подобрување во оваа смисла, но многу од нив сѐ уште немаат соодветен пристап до конференциските сали за луѓе што користат количка и немаат пристапни тоалети“, вели Перкс.
Е. БОЧВАРОСКА