МИЦКОСКИ БАРАШЕ ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО ДА ДОЈДАТ ПОД НИВНА КОНТРОЛА ЗА КОНЕЧНО ДА ГИ ЗАПРАТ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

    МИЦКОСКИ БАРАШЕ ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО ДА ДОЈДАТ ПОД НИВНА КОНТРОЛА ЗА КОНЕЧНО ДА ГИ ЗАПРАТ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБАПреговорите за Законот за јавно обвинителство меѓу СДСМ, водени од Зоран Заев и Рената Дескоска, и ВМРО-ДПМНЕ, под водство на Христијан Мицкоски и Антонијо Милошоски, по седум часа во уставната сала на Собранието завршија без договор. - Од вчерашната лидерска средба во Собранието (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев вели дека ВМРО-ДПМНЕ барале предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола за конечно да запрат, на синоќешната лидерска средба во Собранието за новиот Закон за јавно обвинителство. Заев го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека го интересира само амнестија и уништување на случаите против претходната власт.

    „Не отстапуваат од матрицата на однесување што се повторува од Пржинскиот договор, па потоа при Преспанскиот договор… Груевизам до доцна во ноќта. Колку и да постигнеме напредок, колку и да бидеме попустливи, секојпат кај Мицкоски сѐ се сведува на едно барање: амнестија и уништување на случаите од претходниот режим. Се соочувавме со невозможно барање против ЕУ и НАТО, против граѓаните, тие бараат предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола за конечно и да запрат. Ништо друго не беше нивна цел. Ниту ги интересира ЕУ и НАТО, ниту владеењето на правото, тоа е мојот заклучок. Затоа синоќа не постигнавме договор, ние не смееме да го прифатиме тоа“, изјави Заев утринава на прес-конференција во Владата.

    Тој рече дека власта предложила ново Обвинителство за висока корупција, за кое опозицијата би го предложила обвинителот, но вели дека Мицкоски не го интересира борба против корупција. Предложеното обвинителство би било на исто ниво со Обвинителството за организиран криминал и корупција, кажа Заев, и би постапувало по предметите за случаи отсега натаму, но може и од 2013 и 2017. Опозицијата побарала во тоа обвинителство да преминат и предметите на СЈО, што не било прифатливо за власта, бидејќи, како што рече Заев, обвинителот предложен од опозицијата ќе ги уништи тие предмети.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира