МИЦКОСКИ ГИ ОХРАБРИ ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ДА ГО ПОЧИТУВААТ УСТАВОТ И ДА МУ ГО ОДЗЕМАТ ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ НА ГРУЕВСКИ

    МИЦКОСКИ ГИ ОХРАБРИ ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ДА ГО ПОЧИТУВААТ УСТАВОТ И ДА МУ ГО ОДЗЕМАТ ПРАТЕНИЧКИОТ МАНДАТ НА ГРУЕВСКИМицкоски и членовите на ИК на ВМРО-ДПМНЕ пред да ја донесат одлуката, за одземањето на мандатот на избеганиот пратеник Груевски се консултирале со пратениците. - Никола Груевски; Христијан Мицкоски (Фото: СДК.МК)

    Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од чии редови е избеганиот осуден пратеник Никола Груевски, на вечерашната затворена седница одлучил да му се одземе пратеничкиот мандат поради неоправдано отсуство во Парламентот повеќе од шест месеци.

    „Апелираме и ги охрабруваме пратениците во Собранието на Република Македонија да постапат на начин на кој неселективно ќе ги почитуваат законите и Уставот и во случајот со пратеникот Никола Груевски. Доколку се исполнети условите согласно закон и Устав за престанок на мандатот на г-динот Никола Груевски тогаш апелираме и ги охрабруваме пратениците да постапат согласно законите и Уставот“, соопштија членовите на Извршниот комитет по седницата.

    Тие велат дека одлуката ја донеле по консултациите со пратеничката група.

    „ВМРО-ДПМНЕ покажува на дело дека секој еден граѓанин е еднаков пред законите. Ова е пример кој треба вистински да го следи оваа неодговорна и неспособна власт на СДСМ и Зоран Заев, а веднаш после формирањето на новата Влада во Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати владеењето на правото, вистинската апликација на законите и битката против организираниот криминал и корупција без разлика на политичката припадност на сторителот на криминалот“, се наведува во соопштението.

    По оставката на Павле Богоевски од морални причини, зашто се пријави дека купувал масло од канабис по нелегален пат за болките на сестра му, но и по чистката во СДСМ што ја спроведе неговиот лидер Зоран Заев под мото дека одговорност мора да има, кај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се јави потреба дека и нивниот лидер треба да испорача адекватни мерки во ВМРО-ДПМНЕ. Пред почетокот на седницата на Извршниот комитет, дел од пратениците кои не членуваат во него, за САКАМДАКАЖАМ.МК тврдеа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ќе одлучи на пратениците да им каже дека треба да гласаат за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, бидејќи така вика Уставот.

    Изутрина почнува седницата на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, која треба да донесе заклучок или став пред 119-темина пратеници за на пленарна седница да донесат конечна одлука за одземањето на пратеничкиот мандат на Груевски. За да биде одземен мандат на пратеник, потребни се најмалку 80 гласа од пратениците.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира