МИЦКОСКИ ЈА ПРЕЗЕДЕ ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА, ОДИ ВО ПРВА РАБОТНА ПОСЕТА НА ОПШТИНА ШТИП

    МИЦКОСКИ ЈА ПРЕЗЕДЕ ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА, ОДИ ВО ПРВА РАБОТНА ПОСЕТА НА ОПШТИНА ШТИПМицкоски и Џафери по примопредавањето имаа куса средба, без изјави за медиуми. (Фото: К. Попов)

    Новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски денеска ја презеде функцијата од техничкиот премиер Талат Џафари. Мицкоски и Џафери по примопредавањето имаа куса средба, без изјави за медиуми.

    Како премиер, Мицкоски попладневно ќе ја има првата работна посета  на Општина Штип.

    Во Владината програма се најавуваат над 300 милиони евра директна помош на локалните самоуправи. Штип ќе добие 6 милиони евра како еден од градовите кој во изминатите две години забележал најголема градежна и инфраструктурна експанзија.

    Мицкоски во центарот на Штип ќе стави камен-темелник на комплетната реконструкција на спортскиот центар „Џексон“, а ќе изврши увид и на булеварското уредување на улицата Партизанска, една од најфреквентните која ги поврзува новите поголеми населби во градот. Подоцна, тој и новиот министер за здравство Арбен Таравари ќе ја посетат новата Клиничка болница во изградба која, како што стои во најавата, за цело време на претходната седумгодишна власт не се градеше, а беше една од најголемите инвестиции во државата во изминатата деценија.

    Собранието синоќа час и пол пред полноќ со 77 гласа „за“ и 22 „против“, ја избра новата Влада на чело со Христијан Мицкоски. Тој во свечената изјава кажа „Ќе ги почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, а во завршното обраќање неколку минути пред гласањето, кажа дека нема да го избегне спомнувањето на уставното име.

    Мицкоски, во експозето во Собранието кажа дека ситуацијата во многу области во државата е на работ на клиничка смрт, а тој има зацртано пеколно темпо на работа.

    Институциите се девастирани, некои се целосно уништени и за тоа ќе дознаете. Оваа генерација нема опции за пропуст. Не најавувам меден месец од 100 дена Влада, треба веднаш да се фатиме за работа“, кажа Мицкоски.

    Тој рече дека веќе во вторник доаѓа нова инвестиција од 400 милиони евра. Кажа дека ќе ги намали даноците, ќе отпочне силна борба против корупцијата и за владеење на правото, ќе се чешла имотот на обвинители, судии, на функционерите, ќе биде зголемен буџетот во образованието, ќе се формира посебен фонд за врвна наука, а во центарот на вниманието ќе биде економијата.

    Мицкоски рече дека оваа влада ќе обезбеди раст на БДП на 5 отсто годишно, нови работни места, ќе се доврши автопатот Кичево-Охрид. Во програмата е споменато и довршување на проектот за автопатот што ќе го гради „Бехтел и Енка“. Нови инфраструктурни проекти, не спомена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира