МИЦКОСКИ КАЖА ДЕКА ГИ ЗНАЕЛ КРИМИНАЛЦИТЕ ВО СУДСТВОТО, НО НЕ ГИ КАЖУВА ЈАВНО, НИТУ ПАК ГИ ПРИЈАВУВА ВО ПОЛИЦИЈА ИЛИ ОБВИНИТЕЛСТВО

    МИЦКОСКИ КАЖА ДЕКА ГИ ЗНАЕЛ КРИМИНАЛЦИТЕ ВО СУДСТВОТО, НО НЕ ГИ КАЖУВА ЈАВНО, НИТУ ПАК ГИ ПРИЈАВУВА ВО ПОЛИЦИЈА ИЛИ ОБВИНИТЕЛСТВО„Јас толку знам и ќе се борам за тоа што го знам, подготвен сум да разговарам со секого, секој оној којшто има некаква идеја нека дојде, подготвен сум да го сослушам“, рече премиерот, без да каже во каква форма би биле тие сугестии и како да се дојде до него за разговор на оваа тема (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека ги знае кои биле криминалците во правосудството, но не кажува кои се. Останува дилемата зошто не ги пријави во полиција или во обвинителството?

    „Ова е систем. Системот почнува од тие неколкумина, сите ги знаеме кои се, сите знаеме во државава кои се тие во правосудството коишто се корумпирани и сега ние ако се правиме при очи, слепи, при уши, глуви во ред, но не е во ред ради децата и заради идните генерации коишто доаѓаат. Јас толку знам и ќе се борам за тоа што го знам, подготвен сум да разговарам со секого, секој оној којшто има некаква идеја нека дојде, подготвен сум да го сослушам, само да не ми се појавуваат експерти вечни чиишто потоа презимиња случајно се појавуваат како нови членови на Судскиот совет. Такви експерти вечни ги знам нивните методи, тие не доведоа до овие 2 процента доверба во правосудствот“, кажа премиерот во Кавадарци, каде присуствуваше на потпишувањето договор за франшиза на „Тиквеш инвест“ со хотелот „Холидеј ин“, односно групацијата „ИГХ хотелс & ресорт“.

    Место да ги пријави тие случаи или јавно да ги каже, тој на новинарско прашање одговори дека не се откажува од распуштање на Судскиот совет, каде членуваат само петмина избрани од Парламентот, но и 8 судии избрани од самите судии на непосредни избори.

    Засега тој под „реформи“ наведува само распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, што не е реформа, туку потег да се смени сегашниот состав и оваа власт да избере нов. Јавноста чека суштински измени во законите ќе се прават за да се надмине состојбата во судството.

    Прашани на две различни места, и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за правда  Игор Филков, на јавноста пак не ѝ открија нешто кое би значело коренита измена. Разликата во одговорите на темата за Судскиот совет и за Советот на јавни обвинители, е само во тоа што министерот вели дека се ќе оди на јавна дебата и за се ќе биде консултирана јавноста.

    „Јас не се откажувам и од распуштање на Судскиот совет како реформа и од распуштањето на Советот на јавни обвинители, чекам предлози, очајно молам за предлози за да не биде довербата кај граѓаните 2 проценти во правосудството, да не бидат криминалци чесни граѓани, а чесните граѓани да бидат криминалци, зашто имаме исклучоци на корумпирани обвинители и судии, тоа не е генералната слика да се разбереме, имаме такви исклучоци“, рече Мицкоски.

    Додаде дека ако некој знае подобро, нека каже, тој е подготвен да разговара. Но, не ја кажа формата за разговор, за предлози и сугестии, т. е. како да се дојде до него на темата и каде.

    „Секој којшто знае експерт подобро нека дојде нека каже, само очајно молам овие 2 проценти да направиме нешто барем да бидат 12, јас знам дека не можат да бидат 22, 52, 82, но барем да бидат 12. Зошто ни е ова битно? Ако нема доверба во правосудството, нема ни инвестиции како оваа, ако нема инвестиции како оваа, нема бизнис нема пари во Буџетот, ако нема пари во Буџетот нема за здравство, нема за образование, нема за плати, нема за земјоделци, нема за пензии, нема за инфраструктура“, рече Мицкоски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира