Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека францускиот предлог за почнување на пристапни преговори на ЕУ со Македонија е неприфатлив за него и за неговата партија и за утре во 19 часот пред Владата повика на протест. Предлогот го нарече „ултиматум за нашата Македонија“, предлог кој е диктат за мегаломански барања и историски аспирации кон Македонија.
Ја обвини Владата дека го криела предлогот.
„Прифаќањето на ваквиот предлог подразбира или целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат, а нашите деца во основното образование да учат според бугарскиот диктат, или, европска иднина да нема. Ова значи прифаќање дека Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и останатите херои и револуционери биле Бугари, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Секој кој како Владата, како Ковачевкси, Османи и Маричиќ, ќе ви кажува нешто поинаку, ви кажувам со сиот мој дигнитет и име не ја говори вистината или да бидам подиректен, ве лаже“, кажа Мицкоски.
Предлогот во англиска верзија веќе го објави Владата, која за неговото прифаќање или одбивање, најави претходно ќе има широка јавна расправа.
С. К. ДЕЛЕВСКА