Премиерот Христијан Мицкоски очекува растот на македонската економија да биде 3,7 отсто следната година. Одговарајќи новинарски прашања во врска со буџетот на настан во Ѓорче Петров, Мицкоски рече дека не би се изненадил и растот да стигне до 4 отсто.
„Да, на владината седница помина буџетот, би требало деновиве да се најде и пред пратениците. Очекувам в година просечниот раст да биде 3,7 проценти. Очекувам во третиот квартал да се движиме меѓу 2,5 и 3 проценти. Очекувам во четвртиот квартал меѓу 3 и 3,5 проценти, а не би се изненадил ако првиот квартал в година, ако биде сè како што го проектираме и со инвестициите на компаниите и со инвестициите на државата, да дојдеме и до четворка. И не би се изненадил ако в година биде 3,7 повеќе бидејќи такви се оние индикатори со кои сега во моментот располагаме. Има уште некои работи што треба да почнат со функционирање, некои фабрики што сè уште не се почнати. Јас очекувам во периодот што следува да почнат, така што оваа година сме, т.е. проекцијата за следната година, на 3,7, но не би се изненадил ако тоа биде и повеќе“, кажа Мицкоски.
Проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за следната година е растот на македонската економија да биде 3,6 отсто, додека Светска банка (СБ) предвидува раст од 2,5 отсто.
На вчерашната седница на Владата беше усвоен буџетот за 2025 година. Предложениот буџет изнесува 6,5 милијарди евра, а приходите се проектирани на 5,8 милијарди евра.