Премиерот Зоран Заев вели дека неговиот коментар за гушкањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, во синоќешното ТВ-интервју бил многу прецизен и бил во насока на тоа дека Мицкоски има непроменлив став кон мултиетничкото општество.
„Тој може да се гушка со некој со кој само директно соработува. Реков дека сакам сите да бидеме со еднакви пријателски чувства во оваа наша мала земја. Но, за да се случи тоа веројатно ќе треба ние политичарите да ги смениме наративите. Во обратен случај ќе остане да се гушкаме само со оние со кои имаме директен интерес да соработуваме, како што е соработката што ја има ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците. Тоа беше многу прецизно кажано, дека тоа или бил господинот Таравари или дека не го препознал или е некој од неговиот кабинет со кого имаат сериозна соработка. Се надевам дека во иднина сите ќе придонесуваме во градењето на едно општество за сите, каде што ние политичарите сакаме да добиеме поддршка од граѓаните да ја водиме државата кон сите граѓани ќе се однесуваме еднакво, ќе зборуваме за еднакви права за еднакви можности за сите. За жал ВМРО-ДПМНЕ тоа сè уште не го прави“, рече Заев.
Тој во одговор на новинарско прашање пред почетокот на конференцијата на Светската царинска организација рече дека граѓаните се тие што определуваат како ќе се формираат идните партнерства и коалиции и дека има добра соработка со ДУИ и како што е нормално имаат и свои проблеми. На прашањето дали знае дека ВМРО-ДПМНЕ преговара со дел од нивните коалициони партнери, Заев рече дека нема таква информација и дека секоја партија е независна во својата определба.
„Очекувам коалицијата да расте да се гради, да ја зголемува својата доверба, затоа што заедно сите коалициони партнери ги направивме овие огромни успеси и целиот свет да зборува за нас од позитивен аспект, така и треба да продолжиме. Секако тоа значи дека и во нашите редови ако се договориме за принципиелно програмски прашања, а секако понатаму и за кадровски прашања“, рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА