МИЦКОСКИ СЕ ЗДРУЖИ И СО ДУИ И ВО 2.30 ПО ПОЛНОЌ НАПРАВИ ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА ДА ЈА ПРОШИРИ ВЛАДАТА ОД 20 НА 24 МИНИСТЕРСТВА

    МИЦКОСКИ СЕ ЗДРУЖИ И СО ДУИ И ВО 2.30 ПО ПОЛНОЌ НАПРАВИ ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ЗА ДА ЈА ПРОШИРИ ВЛАДАТА ОД 20 НА 24 МИНИСТЕРСТВАНиеден од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не излезе да зборува на собраниската говорница, а Славјанка Петровски од СДСМ им рече: И пудлиците се погласни од вас вечерва: (Фото:СДК.МК)

    Предлагачот на законот со кој се зголемува бројот на министерствата од 16 на 20, а бројот на министри сосе оние без ресор ќе се зголеми од 20 на 24, мандатарот за состав на новата Влада Христијан Мицкоски, најде не шестмина, колку што му фалеа за двотретинско мнозинство, туку 14 гласови и со 88 гласа во два ипол часот по полноќ во петок кон сабота тој закон се изгласа. За законот гласаа и пратениците на опозицискиот Европскиот фронт предводени од ДУИ.

    Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не кажаа ниту збор. Ниту еден од нив не излезе да зборува на собраниската говорница.

    „Во вампирско време во 3 саат сабајле ја сменивме државната структура. Со ова почна режимот на ВМРО-ДПМНЕ!“, прогласи пратеникот Амар Мециновиќ од Левица.

    Претходно пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ им кажа на пратеникот и мандатар за влада Христијан Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ дека се посипаа со пепел, бидејќи за рекордно кратко време од 10 дена го погазија тоа што го збореа пред своите гласачи и пред целата јавност.

    Таа со датуми точно цитираше што збореше Мицкоски во кампањата, па читаше негови изјави против водењето на седниците на албански јазик, кои први ги погази бирајќи го Африм Гаши за претседател. Потсети и дека на 27 април 2017 година поради тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе убиваше луѓе во Собранието.

    „Зборувавте за носењето закони по скратена постапка, а денеска – штама! Небитно е што се работи за системски закон, небитно е што не ја ни погледнавте експертската јавност, небитен е деловникот, ни Уставот! А зошто? Поради средбата на ВМРО-ДПМНЕ со Европскиот фронт, односно со ДУИ. Трето посипување со пепел! Нели ќе го укинувавте балансерот? На 8 мај Христијан Мицкоски рече: ‘Македонија победи. СДСМ и ДУИ се минато. Ќе одговараат до последниот. ДУИ е најмалку партија што се грижи за Македонија!’. На 4 мај Мицкоски кажа дека ДУИ истура кеш за да се врати повторно на власт. Прашувам: Што истуривте вие денеска?“, читаше Петровска уште изјави на Мицкоски во кои тој претходно тврдеше дека ДУИ веќе не е фактор, дека со црни пари купува цели трговски центри, дека СДСМ биле пудлици во скутот на ДУИ….

    „И пудлиците се погласни од вас вечерва“, им се обрати Петровска на колегите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои само молчеа.

    Блерим Беџети од ДУИ објасни дека во петокот ниа средба со ВМРО-ДПМНЕ било прифатено нивното барање за кратко време Собранието да формира ад хок комисија со Претседавач предложен од ДУИ кој ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа и двапати годишно ќе го информира Собранието за неговата работа.

    Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ претходно кажа дека Законот за реорганизација на органите на државната управа е политичка игра на празни зборови која е козметичка промена која ќе го отежнe работењето на државната управа.
    „Тоа што сте освоиле 58 пратенички мандати, секоја чест, не ви дава за право да демонстрирате самоволие во Собранието и да правите што сакате“, кажа тој.

    Законот за зголемување на бројот на министерствата беше донесен по полноќ во 02.33 часотсо 88 гласа „за“.

    Според предложените измени:

    1. Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците продолжува со работа како Министерство за односи меѓу заедниците, со надлежности утврдени со овој закон;

    2. Министерството за надворешни работи продолжува со работа како Министерство за надворешни работи и надворешна трговија со надлежности утврдени со овој закон;

    3. Министерството за економија продолжува со работа како Министерство за економија и труд, со надлежности утврдени со овој закон. Министерот за економија и труд ги врши и работите што се однесуваат на надворешна трговија, туризам, енергетика, рударство и минерални суровини се до преземање на вработените во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерството за култура и туризам и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија;

    4. Министерството за труд и социјална политика продолжува да работи како Министерство за социјална политика, демографија и млади. Министерот за социјална политика, демографија и млади продолжува да ги врши работите што се однесуваат на труд се до преземање на вработените во Министерство за економија и труд;

    5. Министерството за култура продолжува да работи како Министерство за култура и туризам, со надлежности утврдени со овој закон;

    6. Министерството за информатичко општество и администрација продолжува да работи како Министерство за дигитална трансформација и како Министерство за јавна администрација, со надлежности утврдени со овој закон, како правни наследници на ова министерство. Министерството за дигитална трансформација го задржува единствениот даночен број на Министерството за информатичко општество и администрација, а Министерството за јавна администрација ќе добие нов даночен број најдоцна во рок од три дена од денот на конституирање на Владата.

    7. Министерството за транспорт и врски продожува со работа како Министерство за транспорт;

    8. Агенцијата за млади и спорт се укинува, а работите од нејзината надлежност преминуваат во Министерството за спорт и во Министерството за социјална политика, демографија и млади;

    9. Државниот девизен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на

    Министерството за финансии;

    10. Државниот инспекторат за техничка инспекција продолжува да работи како Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини како орган во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини;

    11. Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за шумарство и ловство продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за

    земјоделство, шумарство и водостопанство;

    12. Државниот санитарен и здравствен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за здравство;

    13. Државниот просветен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за образование и наука;

    14. Државниот инспекторат за труд продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд;

    15. Државниот пазарен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на

    Министерство за економија и труд;

    16. Државниот инспекторат за локална самоуправа продолжува да работи како орган во состав на Министерството за локална самоуправа;

    17. Државниот управен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за јавна администрација;

    18. Државниот инспекторат за транспорт, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот комунален инспекторат продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за транспорт;

    19. Државниот инспекторат за животна средина продолжува да работи како орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање;

    20. Секретаријатот за европски прашања продолжува да работи како Министерство за европски прашања.

    Ова значи дека ќе има Министерството за економија и труд, кое ќе ги опфаќа дел од ингеренциите на старото Министерство за економија, но ќе му се додаде сегментот труд.

    Министерството за социјална политика и труд кое беше досега, ќе биде сега Министерство за социјална политика, демографија и млади. Исто така, дел од надлежностите кои ги имаше досега Министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

    Натаму, дел од ингеренциите кои што ги имаше Министерството за економија во делот на туризмот ќе бидат сега присоединети во Министерството за култура и туризам. Ќе се формира ново Министерство за спорт, наместо досегашната Агенцијата за млади и спорт, која нема да постои.

    Се воведува и Министерство за дигитализација, коешто во суштина ќе ги наследи обврските што ги имаше досегашното Министерство за информатичка технологија и администрација.

    Ќе имаме исто така и Министерството за администрација. Интересно е што во набројаните негови надлежности, реформата на администрацијата која никако не може да почне, а е услов во претпристапните преговори со ЕУ, е дури на 14-то место.

    Од донесувањето во 2000 година до денеска, Законот за организација и работа на органите на државната управа претрпе шест измени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира