Премиерот Христијан Мицкоски денеска со двајцата синови замина во Будимпешта, за на 9 септември да го гледаат фудбалскиот меч Унгарија-Португалија за квалификации за Светското првенство во 2026. Како што објави на официјалниот инстаграм профил, Мицкоски ќе мине 2 дена во Будимешта за натпреварот, на покана од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Премиерот вели дека ќе се врати на 10 септември и ќе учествува на настан на градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски, кој е и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за функцијата на претстојните Локални избори на 19 октомври.
„Ретко сме заедно, уште поретко имам прилика да ја исполнам нивната желба. Овој пат ден поминат со Јован и Антониј. Заедно тројцата во Будимпешта, му ветив на Антониј дека ќе го гледаме Роналдо, а утре Португалија ѝ гостува на Унгарија во Будимпешта. На поканата на мојот драг пријател Виктор Орбан го имам задоволството да ги поминам овие два дена со Јован и Антониј во Будимпешта. Се гледаме во среда кај Боби во Гази Баба на настан. Вечна Македонија“, објави Мицкоски на Инстаграм, со самослик од него со синовите во ресторан.
Мицкоски денеска одржа 25-минутен говор на свечената академија по повод 8 Септември, Денот на независноста, која почна во 10 часот во Филхармонијата во Скопје.