МИЦОТАКИС ОЧЕКУВА МИЦКОСКИ ДА ВИКА „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ И ДОМА И НАДВОР, А ПРАШАЊЕТО ЌЕ ГО ПОКРЕНЕ И НА САМИТОТ НА НАТО ВО ВАШИНГТОН

    МИЦОТАКИС ОЧЕКУВА МИЦКОСКИ ДА ВИКА „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ И ДОМА И НАДВОР, А ПРАШАЊЕТО ЌЕ ГО ПОКРЕНЕ И НА САМИТОТ НА НАТО ВО ВАШИНГТОНМицотакис рече дека грчката страна во моментот констатира оти „намерата на ВМРО е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“. (Фото: Принтскрин од видео на ЕРТ)

    Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека очекува мандатарот за влада Христијан Мицкоски да го користи уставното име на земјата Северна Македонија и за внатрешна и за надворешна употреба, пренесува МИА.

    „Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин, да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба, рече Мицотакис на денешната прес-конференција на островот Крит, во пресрет на европските парламенарни избори на 9 јуни.

    Тој додаде дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот Самит на НАТО во јули во Вашингтон, но оцени и дека во Македонија, сепак, ќе преовлада логиката. Мицотакис истакна дека грчката страна во моментот констатира оти „намерата на ВМРО е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“.

    „И навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето на сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во Договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никој“, рече Мицотакис.

    Уште еднаш повтори дека тие ќе бараат апсолутно усогласување за ова прашање, за кое рече дека се на иста линија и со ЕУ и САД.

    „Да потенцирам дека не сме сами. Европската комисија го кажува токму истото, САД го кажуваат истото. Па така, Грција не е изолирана, Скопје е изолирано, следејќи ја оваа политика и затоа мислам дека на крај ќе преовладее логиката, а Северна Македонија ќе се врати на тешкиот пат на усогласување со европските критериуми и доколку го стори ова, Грција ќе биде прва што ќе го поддржи овој напор“, рече Мицотакис.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира