МИЗРАХИ ГО ВРАТИ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЛАЖНИОТ ВОЗАЧ ОД СООБРАЌАЈКАТА НА ДИМЕ СПАСОВ

    МИЗРАХИ ГО ВРАТИ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЛАЖНИОТ ВОЗАЧ ОД СООБРАЌАЈКАТА НА ДИМЕ СПАСОВЗа вработувањето на М. Т. техничката министерка Мизрахи не побарала согласнот од дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.-Техничката министерка Мизрахи на владина седница.(Фото; Влада)

    Техничката министерка за труд и социјална работа Рашела Мизрахи го вработила возачот кој лажно се претставил во полиција за да  преземе вина за сообраќајката на поранешниот министер од ВМРО-ДПМНЕ Диме Спасов на 28 октомври 2016 година. Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, лицето М. Т. е вработено повторно на работното место возач, со плата од 20.000 денари и има договор од 3 февруари до 1 мај, односно до завршувањето на изборите.

    За вработувањето на М. Т. техничката министерка Мизрахи не побарала согласност од дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

    Од Кабинетот на министерката Рашела Мизрахи ни ветија дека до крајот на работното време ќе добиеме одговор на прашањето зошто за овој кадар од времето на Диме Спасов, таа не побарала согласност за втор потпис и од дополнителната заменик министерка. Одговор не  добивме.

    Мизрахи не одговараше ни на повиците на нејзиниот мобилен телефон.

    „Според законот за сите вработувања за време на техничката влада, потребни се два потписа односно од министерката и од дополнителната заменик-министерка. За досегашните вработувања во кабинетот на Мизрахи, таа побара согласности и за нив има добиено потпис од Шкријељ. За последното вработување не е побарана  согласност, односно Мизрахи го вработила лицето само со нејзин потпис“, велат од кабинетот на дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ.

    М. Т. бил вработен во Министерството за труд и социјална политика до промената власта односно си дал отказ и спогодбено си заминал со доаѓањето на министерската функција на Мила Царовска.

    Тој во октомври 2016 година сам се пријави во полиција дека го возел службениот џип на Агенцијата за вработување, кој го користел тогашниот дополнителен заменик-министер Диме Спасов, со кој прво удрил една кола, а потоа бегајќи од полициска патрола удри во друга кола на потегот меѓу Градскиот парк и Тафталиџе во Скопје. Но, откако  потоа Спасов во интервју за тогашната телевизија „Нова“ не спомна ништо за друг возач, М. Т. даде изјава во полициската станица Карпош дека тој не го управувал возилото. Тогашниот технички министер за внатрешни работи Оливер Спасовски не поднесе кривична пријава за лажен исказ на М. Т. бидејќи не било направено кривично дело.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира