ЛАЖНИОТ ВОЗАЧ САМ СЕ ПРИЈАВИЛ ДЕКА НЕ ВОЗЕЛ ПО ИНТЕРВЈУТО НА ДИМЕ СПАСОВ

    ЛАЖНИОТ ВОЗАЧ САМ СЕ ПРИЈАВИЛ ДЕКА НЕ ВОЗЕЛ ПО ИНТЕРВЈУТО НА ДИМЕ СПАСОВПринтскрин од снимките од сообраќајните камери на кои се гледаат делови од инцидентот со Диме Спасов.

    Лицето кое се пријави дека го возело службеното возило Фолксваген туарег со кое беа направени две сообраќајки во петокот за кои МВР му поднесе три пријави на Диме Спасов, попладнево само дошло во полициската станица Карпош и дало изјава дека не го управувало возилото, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од МВР.

    Новата изјава на М.Т. за полицијата доаѓа по денешното интервју на дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика за „ТВ Нова“ во кое тој не спомна ништо за друг возач и по прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој кажа дека нема да има кривична пријава за лажен исказ на М.Т., бидејќи не е направено кривично дело.

    За лицето М.Т. кое дало лажен исказ дека тој во петокот навечер го возел возилото, министерката за труд и социјалната политика Фросина Ташевска Ременски во понеделникот кажа дека се работи за лице што пред само неколку месеци било вработено во Министерството и дека не е шофер на Спасов.

    „Околу 2 часот на улица Алжирска, односно на местото каде што бил оставен Туарегот дошол М.Т. и на полициските службеници им пренел дека возилото Туарег било управувано од негова страна. Од дадената изјава на М.Т. може да се констатира дека недоволно ги познавал околностите под кои се случени претходно опишаните сообраќајни незгоди, што наведува на заклучок дека тој не го управувал возилото. Изјавата на М.Т. не кореспондира со изјавата на сопатничката Т.К. и утврдената фактичка состојба на лице место од страна на полициските службеници кои што констатирале дека во возилото се наоѓале само лицата Д.С. и Т. К.“, беше наведено во соопштението на МВР од саботата.

    На денешната прес-конференција, Спасовски рече дека сопатничката Т.К. своерачно напишала изјава дека Диме Спасов го управувал возилото.

    Министерстото за внатрешни работи денеска поднесе три прекршочни пријави против Диме Спасов за сообраќајните несреќи од минатиот петок, кога со службен Фолксваген Туарег удри две возила и побегна откако беше запрен од полицијата. МВР го товари Спасов за напуштање на местото на сообраќајните несреќи и неизвестување на полицијата, непостапување по наредбите на униформирани полициски службеници и за неприспособување на брзината на условите на патот. Пријавите се прекршочни затоа што причинетата штета во сообраќајките не е на ниво за да бидат кривични, информираше Спасовски.

    Во интервјуто за „ТВ Нова“, Спасов рече дека бил бркан и дека почувствувал напад. Попладнево, телевизијата „Сител“ објави снимки од камерите на скопските сообраќајници на кои се гледаат делови од петочниот инцидент со Диме Спасов.

    Возилото кое го управувал Спасов е во сопственост на Агенцијата на вработување. Министерката за труд и социјалната политика, Фросина Ташевска Ременски завчера најави и кривични пријави за директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски и дополнителниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов, бидејќи, според неа, Правилникот на АВРМ не дава можност Поповски да дал овластување за користење на возилата на лица кои не се вработени во Агенцијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира