МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА ДО ПУЛМОЛОГИЈА РАБОТИ ВЕЌЕ 2 МЕСЕЦA, НО НЕ СО КОВИД ПАЦИЕНТИ

    МОНТАЖНАТА БОЛНИЦА ДО ПУЛМОЛОГИЈА РАБОТИ ВЕЌЕ 2 МЕСЕЦA, НО НЕ СО КОВИД ПАЦИЕНТИВо новиот објект на 450 квадратни метри се наоѓаат четири ординации, две амбуланти за пациенти преку Мој термин, една за прием на интервентни пациенти и приоритетни упати, и една за контролни прегледи. (Фото: К. Попов)

    Монтажната амбуланта на Клиниката за пулмологија и алергологија работи веќе втор месец, дневно се прегледуваат по 80-тина пациенти, но не работи со пациенти позитивни или суспектни на ковид-19. Од Министерството за здравство ни рекоа дека во текот на првиот месец се извршени 1.822 прегледи и контроли.

    Во новиот објект на 450 квадратни метри се наоѓаат четири ординации, две амбуланти за пациенти преку Мој термин, една за прием на интервентни пациенти и приоритетни упати, и една за контролни прегледи. Две простории – дневни болници се наменети за сместување амбулантски пациенти, како и кабинетите за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања, за ЕКГ, две посебни чекални и други помошни простории.

    Од Министерството велат дека во новиот објект во целост се почитуваат сите мерки за заштита на пациентите, на влез се мери температура, секој добива електронско бројче во чекалната, а посебно назначени лица ги насочуваат пациентите внатре во амбулантите. Во посебни простории се изведуваат различни дијагностички и амбулантски процедури, што создава можност за помала концентрација на пациенти на едно место и запазување на мерките и протоколите, кои го спречуваат ширењето на коронавирусот.

    „На овој начин, пациентите коишто имаат проблеми со белите дробови се одделуваат од сите други пациенти во останатите амбуланти кои претходно беа на едно место, и се намалува ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите кои доаѓаат овде во Клиничкиот центар и за друга симптоматологија“, велат  кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче.

    Како почна да расте бројот на заболени од ковид-19 во земјава, почнаа да се полнат болнците и инфективните одделенија низ земјава.

    Министерот Филипче во понеделникот кажа дека веќе се сместуваат пациенти во модуларната болница која се наоѓа до Инфективната клиника во Скопје, но за брзо време и таа ќе се наполни. Во Козле има 40 кревети, а од понеделникот се оспособија две одделенија во Градската општа болница „8 Септември“. Пациенти од Куманово се праќаат во Скопје. Во Струмица до крајот на неделава ќе биде отворен нов крак, каде што веќе има инсталирано централен довод на кислород. Таму ќе се отвори место за нови 100 болни. Во Битола се прилагодува Интерното одделение, бидејќи останатите капацитети се исполнети. Во Охрид, исто така се менаџира со Интерното одделение. Во Гостивар забележан е поголем испис на пациенти и моментално одделението е полупразно. Во Тетово има 100 слободни кревети.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира