МОЖЕ ПОВЕЌЕ ОД 4 ГОСТИ, ПОТРЕБНИ СЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ЗАБРАНА НА СЛАВСКИ СОБИРАЊА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    МОЖЕ ПОВЕЌЕ ОД 4 ГОСТИ, ПОТРЕБНИ СЕ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ЗАБРАНА НА СЛАВСКИ СОБИРАЊА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАКомисијата на 8 октомври поднесе повеќе предлози до Владата, со рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, откако бројката на дневно новозаболени од ковид-19 секојдневно расте. - Примање пациент во монтажната болница кај Инфективната клиника (Фото: Ѓ. Личовски )

    Владата на денешната седница не ги прифати предлозите на Комисијата за заразни болести за носење заштитна маска на отворено и за забрана за групирање по домови, со образложение дека за тоа треба да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.

    Комисијата на 8 октомври поднесе повеќе предлози до Владата, со рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, откако бројката на дневно новозаболени од ковид-19 секојдневно почна да расте. Комисијата бара да се забранат семејни собири, слави и прослави во домови, а во домовите да можат да се примат најмногу четворица гости. После 22 часот да се забрани групирање на повеќе од четири лица било да е тоа отворен или затворен простор, како и задолжително да се носат маски секаде, при престој на отворено, на работно место, во јавен транспорт, во приватни возила ако лицата не живеат заедно. Исклучок ќе биде да не мора да се носат маски при спортување и за деца до 6 години.

    „Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести“, соопшти Владата.

    На оваа седница е усвоено да се склучи договор помеѓу Владата и Глобалниот сојуз за вакцини , за набавка на вакцини за ковид-19 преку ковакс-механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за КОВИД-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација. Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансии  за да се уплати аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира